„Хрватски летопис“ – долговечна филмска платформа

facebook

Во Македонија и регионот списанијата посветени на филмот и културата, воопшто зависат од државата, без никаков интерес од приватниот сектор, излегуваат два до три пати годишно во мали тиражи, без доволна промоција и продажна мрежа и поголемиот дел од нив се оставени да згаснат по одреден период.

Меѓу филмските списанија ги има и оние кои сè уште успеваат да преживеат (Филм + е многу помлад и наменет за широк аудиториум), „Кинопис“ на Кинотеката на Македонија, „Кинотека“ на Југословенската кинотека и „Хрватски филмски летопис“, кој во јули го издаде јубилејниот 100-ти број.

Излегува од 1995 година, негови основачи се Хрвоје Турковиќ, Иво Шкрабало и Вјекослав Мајцен. Главната идеја е списанието да пружи платформа за филмска критика, научно проучување на филмот и филмска и филмографска архивистика. Инаку, јубилејниот број на 267 страници содржи филмски студии, прикази, есеи, разговори, како и опсежен индекс со содржини по броеви, предметен индекс, документациски прилози и попис на бројните соработници сиве овие години. За „Хрватски филмски летопис“ зборува главниот уредник Никица Гилиќ, кој е со списанието уште од самите почетоци, инаку вонреден професор на Филозофскиот факултет и Академијата за драмски уметности во Загреб.

Филм+: Сто броеви и 25 години континуитет, па кога ќе погледнете наназад што беше најголемиот предизвик за Хрватски филмски летопис?

Никица Гилиќ: Многу сум среќен со траењето и успесите на „Летопис“, но неговата разновидна содржина има и своја цена. Со оглед на тоа што сум сум соработник од првиот број, и извршен уредник (главен оперативец) и главен уредник, мислам дека најголемиот проблем е организацијата. Многу е тешко сè да биде складна целина, поради нашите големи амбиции, големиот број соработници и разновидните текстови. Тие соработници носат и разновидност, но поголемиот дел се таканаречени „слободњаци“ за кои хонорарот од „Летопис“ е само мал дел од борбата за живот, па јасно е дека никој не може да бара од нив онаква брзина доколку би биле постојано вработени во магазинот. Сличен проблем, секако, имаат и други амбициозни магазини, но некогаш тоа е слаба утеха.

Во последните неколку месеци, кога со вообичаените проблеми со пандемијата се случи и земјотресот во Загреб се додаде уште еден слој на организациските проблеми. Важен проблем се и финансиите – сме имале подобри и полоши години, но често сме се натегале за пари, во една фаза имаше и намалување на хонорарите, чести доцнења, што повторно создава проблеми. А како што убаво кажува водачот на Дјук Елингтон биг-бенд: „Секој водител на оркестар има некоја досетка со која ги држи луѓето на куп. Мојата досетка е да ги плаќам“. Културата е убава и вредна по себе, баш како и науката, но културните работници и научниците мораат да купат леб и млеко, да платат сметки и да го пратат детето на школување.

Како е структуриран „Хрватски филмски летопис“?

-Нашиот магазин се води од научни и критичарски начела. Сакаме да го развиваме научното проучување на филмот и другите подвижни слики во секоја смисла – теориска, историска, интерпретативна, педагошка… Од друга страна, нè интересира развојот на најдобрата критика – прикази и вреднувања на филмови, серии, книги за филм и филмски фестивали, есеи, прикази на винили со филмска музика и други сродни теми. Тие две главни начела со години ја водат нашата уредувачка политика, па заедно со темата на бројот имаме и постојани и повремени рубрики, како: „Нови филмови“, „По повод книгата“, „Хрватски филм“, „Студии“, „Прилози за настава по филм и медиумски култури“ и сл.
ХФЛ од своите почетоци има и документациска функција, па во постојаната рубрика „Хроника“ (изоставена во 100-от број) ги прикажуваме главните настани од филмската култура во Хрватска. Овие две главни начела, научното и критичарското, се многу широки, сеопфатни, така што не можеме подеднакво да ги покриеме сите видови текстови, па затоа имаме помалку интервјуа, што е вообичаено за филмските списанија (секако, интервјуто е тешка и вредна форма, како што докажале: Франсоа Трифо, Питер Богданович, Хрвоје Турковиќ…), а би требало да имаме повеќе архивистички теми. Но, кога ќе погледнете што сè покриваме, ми се чини дека би можеле да се поделиме на три списанија и сите три да бидат добро пополнети.
Хрватски филмски летопис е академско списание, но и „отворен“ магазин за „пошироката“ публика.

Како вие како уредник ја одржувате таа рамнотежа, сте имале ли проблем со изборот на текстови или недостаток на автори?

-Рамнотежата е тешка, се трудите да бидеме и сериозно списание и некој вид вовед за поширока публика во познавањето и проучувањето на филмот, па имаме воведно-информативни текстови, педагошки текстови, а подеднакво е важно и воведувањето на млади луѓе, пред сè студенти. Но, не целиме кон најшироката публика, бидејќи и вака имаме доволно шаренолики и сеопфатни амбиции. Радува интересот кај младите, но се трудиме да не ги занемариме и нашите сениори кои имаат големо искуство и талент за приближување на најкомплексните теми до публиката која не е стручна за филм.

Изборот на текстови секогаш претставува проблем, бидејќи се појавуваат различни школи и стилови на пишување (како и различни национални традиции, поради соработниците надвор од Хрватска), но досега не ни недостигале текстови. Конкурсот за соработници секогаш е отворен. Во моментов најмалку ни пристигнуваат есеи; наука и критика имаме доволно, но и овде секогаш читаме трудови од нови соработници.

Како ХФЛ успева да преживее со оглед на финансиската нестабилност, но и во поширокиот контекст? Поголемиот дел од печатените списанија за независна култура во Хрватска и во регионот, вклучувајќи ги и филмските, повеќе не постојат. Веб-списанијата не успеваат на подолг рок поради малите финансии за авторски хонорари, но во моментов гледаме колку е важен интернетот за филмот и културата, воопшто. Сте размислувале за интернетска верзија (дел од архивата е достапен во пдф формат) или тоа би било крај?

-Првата голема криза списанието ја реши со преземањето од страна на Хрватскиот филмски сојуз од претходниот издавач и тука морам да го истакнам долгогодишното водство на Вера Робиќ-Шкарица, една од ретко харизматичните ликови во хрватската филмска култура. Огласувањето не функционира, тиражите и претплатите ни оддалеку ни одблизу не се доволни за одржување на вакво списание, така што ни се потребни дотации ако сакаме да опстанеме – Министерството за култура, Хрватскиот аудиовизуелен центар, до неодамна Град Загреб, а сега Хрватското друштво на филмски режисери.
Нашиот издавач најави поголема присутност на интернет што ме радува, но преминот од печат на веб многу веројатно би го убил „Летопис“. Едно е да основате веб-магазин, а друго да го префрлите печатениот во веб-формат. Оваа екипа која сега работи веројатно не би функционирала добро на интернет, а и да функционира, таков експеримент би бил опасен. Имаше иницијатива со веб-списанија во Хрватска, некои беа и амбициозни, а најдобриот меѓу нив „Филмонаут“ прејде од веб во печатена форма и го забави излегувањето; веќе долго време не сум видел дека издале нов број.

Член сте на Советот на „Анимафест Загреб“, како и член на жири на повеќе филмски фестивали и ревии. Како гледате на иднината на филмските фестивали по пандемијата?

-Прашањето е, секако, кога ќе заврши пандемијата. Кога сè ќе помине, ми се чини дека нештата би можеле да се вратат во состојба слична на претходната, бидејќи оваа ера на стриминзи, состаноци преку „Зум“ не ги воодушеви поголемиот број од моите филмски познаници и пријатели. Луѓето сакаат средби во кино, разговори по филмот и фестивалска комуникација. По пандемијата би можела да се случи експлозија на фестивалите.

Елена Димитровска/Филм+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот