„Хонда“ и „Нисан“ започнаа преговори за спојување
Јапонските автомобилски гиганти „Хонда“ и „Нисан“ започнуваат преговори за спојување бидејќи се соочуваат со зголемена конкуренција од големите светски производители на електрични возила, пишува весникот Никеи, пренесува Кликс.ба. Двете компании ги зајакнаа врските во последните месеци бидејќи се соочуваат со жестока конкуренција од кинеските производители на електрични возила. „Нисан“ и „Хонда“, третите и вторите по големина јапонски производители на автомобили зад „Тојота“, губат удел на пазарот во Кина. Во таа земја во ноември е остварена 70 отсто од глобалната продажба на електрични возила, со повеќе од 1,27 милиони продадени примероци.
Препорачано
Двете јапонски компании заедно имаа глобална продажба од 7,4 милиони возила во 2023 година, но сè потешко им е да најдат клиенти во Кина, каде домашните компании постигнаа голем напредок. „Хонда“ и „Нисан“ се договорија во март да соработуваат во бизнисот со електрични возила, а во август ги продлабочија своите врски, договарајќи се да работат заедно на батерии, електрифицирани оски и друга технологија. Овие производители на автомобили сакаат да работат под една холдинг компанија и се очекува наскоро да потпишат меморандум за разбирање.


