Гвардиола пред ЛШ: Да ја прифатиме реалноста, Сити не е доволно добар!
„Граѓаните“ в среда, 21 октомври (21.00 часот) ќе ја започнат сезоната во Лигата на шампионите на домашен терен во рамките од групата „Ц“ против екипата на Порто.
Во истата група играат уште Олимпијакос и Марсеј кои од истиот термин ќе се соочат на „Георгиос Караискакис“ стадионот во Грција.
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели дека неговите играчи немаат „ментална блокада во најквалитетното европско клупско натпреварување, ЛШ. Воедно истакнува дека тој е виновникот за елиминацијата на неговиот клуб од Лион во четвртфиналето минатата сезона.
– Ментално, ни беше тешко. Се чувствувам одговорен за тоа како играчите и сите во клубот се чувствуваа. Не бев во можност да ги водам на прав начин и поради тоа чувствувам одговорност. Но, мораме да ја прифатиме реалноста, а таа е дека не сме доволно добри – рече Гвардиола.
Во дуелот против Порто најверојатно премиерлигашот нема да може да смета на Габриел Жезус, Бенџамин Менди и Кевин де Брујн, но се враќаат Олександар Зинченко, Илкај Гундоган, Бернардо Силва и Жоал Кансело.
– Повторно почнуваме од „нула“ и знаеме како да напредуваме, имам чувство дека сме блиску. Секоја сезона кога анализирам што направивме пред испаѓањето, го имам истото чувство. Не мислам дека станува збор за психички проблем, станува збор за желбата и избегнувањето грешки. Постојат мали пропусти и мораме да работиме на тоа – додаде шпанскиот стратег на клубот од „Етихад“.