Гробишта за миленици, нивна задолжителна стерилизација, новиот предлог закон влезе во Собрание

Кучиња скитници/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Сопствениците на кучиња и мачки ќе бидат должни да ги стерилизираат своите миленици, освен во случај ако се регистрирани како одгледувачи или одгледувачници. Регистрираните одгледувачи и одгледувачници ќе бидат должни да го пријават потомството од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта најдоцна 30 дена по раѓањето и да ги регистрираат животните според Законот за идентификација и регистрација на животните. Забрането ќе биде да се подарува или да се продава нерегистриран миленик.

Ова се само дел од одредбите на предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој е предложен да се носи по скратена постапка, а денеска е ставен на прво читање во Собранието, пишува Мета.мк.

Со овој предлог закон, за првпат би се вовеле и гробишта за миленици.

„Општините, општините на Градот Скопје и Градот Скопје, за изградба и одржување на гробиштата, засноваат право на долготраен закуп на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за што склучуваат договор со државата, односно со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на градежното земјиште“, се вели во новите законски одредби и се додава дека општините, општините во Скопје и Град Скопје со урбанистички план ќе го определуваат градежното земјиште наменето за гробишта.

Со предложените законски одредби, ќе биде забрането чување на домашен миленик постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор.

Забрането би било и напуштање на домашно животно, домашно милениче или припитомени диви животни и други животни кој човекот ги имал под контрола и надзор.

За секое непочитување на законот, предвидени се парични казни, односно глоби, во зависност од тоа дали станува збор за физичко или за правно лице.

Дополнително, како што стои во предлог законот, со предложените измени се регулира и надоместот на штета настаната кај граѓани поради напади и каснувања од кучиња скитници, како и постапката на вонсудско спогодување помеѓу оштетените и Град Скопје, како зголемување на глобите, кои ќе се пресметуваат по животно и ќе бидат со најмалку два пати поголема вредност од просечната продажна цена на домашен миленик.

Околината на Скопје, како што пишуваше „Слободен печат“, па и некои од дворовите на граѓаните се претворени во гробници на угинати домашни миленици, во услови кога ниту во Скопје ниту пак некаде низ државата постои одредена парцела за таа намена, популарно наречена гробишта за миленици, ниту пак кафилерија каде што би се спалувале телата на умрените миленици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот