Грковска – Орландо: Американска поддршка за финансиските истраги и проблемот со перење пари во земјава

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, на средбата во Вашингтон со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при американското Министерство за финансии разговарала за веќе отпочнатата меѓусебна соработка со цел да се обезбеди поддршка во градењето на капацитетите, особено во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари.

Сите овие прашања се опфатени и во препораките на Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата држава во 2022 година.

Грковска, како што соопшти владината прес-служба, истакнала дека за жал, Северна Македонија не е имуна на феноменот перење пари и се соочува со голем предизвик во борбата против економскиот криминал.

Таа нагласила дека подготовката на законското решение за потекло на имот е од големо значење за идентификување и одземање имот, за кој не може да се утврди потеклото, а тоа значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и економскиот криминал.

Орландо, пак, се осврнал на сѐ она што досега е потврдено во насока на заедничката соработка. Тој најавил дека се подготвуваат вкупно четири активности за градење на капацитетите согласно искажаните потреби и го поздравил фактот што овие проекти добиваат поддршка од Кабинетот задолжен за политики добро владеење, со што уште еднаш се потврдува силната определба на Северна Македонија во остварување на поставените цели.

На крајот на средбата, соговорниците се согласиле дека се неопходни долгoрочни и одржливи решенија, бидеќи само на тој начин може да се постигнат суштински резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот