Грчки документарец за „затворот на човечкиот ум што живее во тело што старее“

Преку стаклото, три чина
Фото: Принтскрин / Youtube

„Преку стаклото, три чина“ го истражува живот во карантин во атински старечки дом

Филмот беше премиерно прикажан на кон крајот на минатиот месец во рамките на главната конкуренција на Солунскиот документарен фестивал

За време на првиот бран на ковид-19, директорот на домот за стари лица во „Агиос Стефанос“, во предградието на Атина, целосно ја блокираше институцијата во текот на двата месеца што следуваа, со цел да се спречи можноста на инфекции меѓу ранливите резиденти.

Персоналот самоиницијативно се затвори заедно со жителите на домот, а три недели пред крајот на карантинот, грчкиот режисер Христос Барбас, заедно со кинематографот Михалис Гераниос одлучија да им се придружат. Фасцинирани од првиот ваков познат случај на глобално ниво, тие решија да го документираат сето она што на крај резултираше со „Преку стаклото, три чина“.

Филмот во продукција на грчката „Тајмлајн продакшнс“ беше премиерно прикажан на кон крајот на минатиот месец во рамките на главната конкуренција на Солунскиот документарен фестивал.

Преку стаклото, три чина
Фото: Принтскрин / Youtube

„На оваа возраст има само минато, нема сегашност“

– Отсекогаш ме фасцинирала идејата за уште еден затвор, оној што се однесува на човечкиот ум што живее во тело што старее – тоа е она што се однесува на повеќето постари луѓе. – открива режисерот во интервју за „Варајети“.

Преку низа интервјуа, како и набљудување на малите секојдневни моменти од животот на персоналот и резидентите за време на една ваква долготрајна вонредна ситуација, филмот нуди поглед кон еден од најприродните процеси – стареењето, од малку поинаква перспектива.

– Мислам дека на оваа возраст има само минато, нема сегашност – ќе рече една постара дама, жителка на старечкиот дом. Можеби звучи тажно и мрачно, но оние што се сѐ уште свесни за своето опкружување и состојба, знаат сосема точно како се чувствуваат и зошто, а знаат и како да го прифатат тоа.

Фото: Принтскрин / Youtube

Ништо не го заменува физичкиот контакт

Барбас наоѓа неверојатно добар начин да ги претстави старите лица. Нивните секојдневни ментални и физички вежби, разговори за мали нешта, тешкотии и ситни мигови на безмалку детска радост, се претставени најдостоинствено што е можно, наедно и неизбежно сентиментално.

Eден од најтешките и најемотивни моменти е посетата на нивните семејства. Одвоени со прозорец, комуникацијата се одвива преку телефон, а допирот – преку стакло.

– Ниту еден современ медиум, ниту една технологија нема да ја замени најдлабоката потреба за физички контакт. Самите постари лица велат дека она што најмногу недостасува е допирот. Тие ги галеа и ги бакнуваа мобилните телефони преку кои контактираа со своите деца. Тие се чувствуваат длабоко затворени кога не се со своите семејства, како затвореници чија иднина ја имате во свои раце – вели Барбас и додава дека како резултат на тоа, старите лица го свртеле своето внимание кон персоналот што се грижел за нив, однесувајќи се како кон свои деца и внуци.

Наедно, „Преку стаклото, три чина“ нè тера да се прашаме колкава е неподносливата болка на старите лица што се згрижени во домови што не располагаат со услови како овој конкретен пример. „Агиос Стефанос“ е чист, неодамна реновиран, добро опремен и се наоѓа во веројатно подобра состојба од голем број институции од овој тип.

Иронијата на душевна слобода во физички карантин

„Преку стаклото, три чина“ го прикажува и начинот на кој персоналот се соочува со новата нормалност. Иронично, самоиницијативното изолирање од надворешниот свет во лимитирана средина, направило дел од нив да се чувствуваат подобро и ослободено, барем душевно.

Додека активното и безгрижно секојдневие кое беше нормално до пред извесно време сега веќе станува тешко замисливо, изолацијата заедно со овие стари лица добива посилно значење – тие стануваат блиски како семејство.

Фото: Принтскрин/Youtube

Суетата не ни дозволува да го прифатиме стареењето

Процесот на снимањето на филмот му помогнал на Барбас да го промени своето мислење за стареењето и староста.

– Резидентите ни зборуваат за смртта, а ние се обидуваме да ја разбереме преку медицината, преку религиозните ставови или преку филозофијата. Но староста е нешто за што не сме „образовани“ во текот на животот. Не сакаме да се разделиме од сјајот на нашата младост, никој не сака да остари, идејата нè плаши – открива Барбас за „Варајети“ и посочува на тоа дека современото општество е управувано од страст кон младоста можеби повеќе од кога било досега.

– Сите сме збунети и лути кога се појавуваат првите знаци на промена. Ова објаснува зошто сме подготвени да направиме неверојатни работи, дури и да ги подложиме нашите тела на болни тестови, да се капеме во реки од кремови или да веруваме во митови со цел да заборавиме дека старееме. Благодарение на суетата, тоа е сега лесно – додава тој.

Преку одлично замислен и изведен концепт, документарниот филм „Преку стаклото, три чина“ е еден сосем поинаков и нов прозорец кон хоризонтот на животот. Ги зграпчува срцето и душникот на гледачот, цврсто со две раце, додека не престанува да поставува есенцијални прашања за животот, староста, смртта, сеќавањата, семејството, и слободата.

Христос Барбас е продуцент и режисер, роден и израснат во Грција. Во 1978 година се преселил во Париз каде што студирал Филмски студии и комуникации на Сорбона, а подоцна предавал на Универзитетот за аудиовизуелни медиуми „ЕСРА.“ во Париз.

По враќањето во Грција во 1993 година, Барбас го преземал поставувањето и организацијата на телевизискиот канал „Западен канал“ од регионот Западна Македонија во Грција. Предавал на Универзитетот за кинематографија „Паралаксис“, додека истовремено работел како консултант за комуникации во компании и организации, како и со локални самоуправи и политички личности.
Режисер е и продуцент на ТВ-емисијата „Извонредни Грци“, како и голем број други телевизиски емисии од уметнички, музички и од културно-научен карактер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот