ГРАЃАНИТЕ СЕ ЖАЛАТ: Туристичките агенции не го признаваат невремето во Грција – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеЕкономија

ГРАЃАНИТЕ СЕ ЖАЛАТ: Туристичките агенции не го признаваат невремето во Грција

Досегашната практика покажува дека околу 90 отсто од поплаките на туристите не се прифатени од туристичките агенции.

Голем број граѓани ова лето се пожалиле во Организацијата на потрошувачи дека туристичките агенции не им ги враќаат парите за неискористениот дел од одморот во Грција поради невремето што се случи минатиот месец.

– Граѓаните велат дека немале услови да останат понатаму на одмор затоа што немало струја во сместувањето што го уплатиле преку туристичка агенција и затоа бараат поврат на парите за неискористените денови. Но туристичките агенции велат дека невремето е виша сила, тие не можат да предвидат дека нема да има струја и затоа ги одбиваат поплаките на туристите – објаснува Бранко Костовски, правен експерт во Организацијата на потрошувачи.

Костовски вели дека досегашната практика покажува оти околу 90 отсто од поплаките на туристите не се прифатени од туристичките агенции.

– Граѓаните што ќе се јават кај нас со забелешки за годишниот одмор, ги советуваме да достават поплака до туристичката агенција, а ако таа ги одбие, тие имаат право за жалба во Пазарниот инспекторат и притоа им помагаме со документацијата што треба да ја достават – вели Костовски.

Покрај поплаките за невремето, годинава, вели Костовски, имало и неколку пријави од граѓани дека не им бил обезбеден превозот и покрај тоа што го платиле.

– Неколку граѓани се јавија да ни кажат дека на враќање биле заборавени од туристичката агенција – информира Костовски.

Тој го посочи и примерот што се случил на почетокот на сезонава кога неколку денови пред тргнување, на граѓаните им бил сменет хотелот.

– Имавме поплаки за патувања во Турција. Граѓаните платиле за хотел од висока класа, од меѓународен синџир, а неколку денови пред тргнување им било соопштено дека во тој хотел веќе нема место и дека ќе бидат сместени во друг, локален хотел. Граѓаните ни се обратија и ни се пожалија дека тие го сакаат хотелот што го избрале, за што и платиле голем износ – вели Костовски.

Што се однесува до разликите меѓу она што се нуди пред одмор и она што се добива кога ќе се замине во летувалиштето, Костовски вели дека постојат и вакви поплаки, но дека тие се ретки.

Минатата година македонските туристи што патувале преку агенциите, било да е во лето, во зима, или на еднодневен одмор, до организацијата на потрошувачи доставиле вкупно 108 поплаки. Само во летната сезона, од мај заклучно со септември, имало 61 поплака. Годинава, пак, од мај до сега, имало 41 поплака за несоодветен третман на туристичките агенции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close