Граѓаните најголеми загадувачи, за индустријата ниту збор!

Загадување на воздухот во Скопје/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Изминатава недела аерозагадувањето се врати на голема врата. Уште од средината на октомври мерните станици покажаа алармантни 230, па и повеќе од 300 микрограми на метар кубен ПМ10 честички во воздухот. Неколкукратно надминување на граничните вредности на ПМ10 честичките беа измерени и на приватните и на државните мерни станици во Скопје, Куманово, Кавадарци, Струмица и во други градови. 

Загадениот воздух есенва стана отежнувачки фактор и во актуелната корона-криза. Најново меѓународно истражување утврди дека зголемената изложеност на загаден воздух може да го зголеми ризикот од смрт од ковид-19 за околу 15 отсто. Задолжителното носење маски на отворен простор и министерот за здравство Венко Филипче го оправда со „штетното влијание на ПМ10 честичките, за кои има докази дека му овозможуваат на вирусот да патува подалеку од вообичаениот пат на флигиовата капка за време на зборувањето“.

Досега биле спроведувани само парцијални студии за утврдување на причините за зголемено присуство на штетни материи во воздухот.  На една таква се повика и Владата, во образложението на Планот за чист воздух кон крајот на 2018 година. Сепак, цели две години откако Владата амбициозно најави дека до крајот на 2020 година ќе го намали загадувањето на воздухот за 30 до 50 проценти во Скопје и во другите градови, ефектите од спроведените мерки не се чувствуваат.

Кој загадува и кој контролира?

Владата впери прст кон граѓаните, дека најмногу загадуваат загревајќи ги домаќинствата. „Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот и во Скопската котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата што ја изработи Финскиот метеоролошки институт каде што е пресметано дека дури 90 отсто од вкупните емисии на ПM-честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво)“, пишува во Планот за чист воздух.

Но многубројни се критиките дека државата на тој начин го амнестирала од одговорност стопанскиот сектор, односно индустријата. Во последниот Извештај на Европската комисија за Македонија, воспоставувањето на еколошката одговорност и нефункционирањето на принципот на кој почива ЕУ-регулативата за индустриски емисии познат како „загадувачот плаќа“ беа причина за слабите оценки во делот за животната средина. Ова се однесува на несоодветната и недоволна контрола на индустриските капацитети, прогледувањето низ прсти кога тие не ги задоволуваат стандардите пропишани со закон или не оперираат со издадените еколошки дозволи, иако имаат законска обврска за тоа.

„Според директивите на ЕУ за индустријата, секој индустриски субјект мора да има поставено сензори на точно определени места и со автоматски мониторинг во реално време на веб-страницата на Министерството за животна средина секому да бидат достапни сите податоци“, потсетува Жаклина Мијалковиќ-Анастасова од Движењето за чист воздух, кое на почетокот на годинава организираше протест пред скопската цементарница Титан-Усје. „Ние целиме кон ЕУ, навредени сме што ни наметнуваат нови услови, а со прст не мрднуваме да ги смениме состојбите во клучниот сектор – екологијата“, вели Анастасова.

Национален катастар на загадувачи – нема

Според важечкиот Закон за животна средина, државата има обврска да воспостави национален регистар, односно катастар на загадувачи, но таа обврска и по шест години од донесувањето не ја исполнила. Постои веб-страница на РИПЗ – Регистар за испуштање и пренос на загадувачи, уредувана од Министерството за животна средина, но на неа освен општи податоци за тоа кои сѐ загадувачки супстанции постојат, нема ниту еден податок кој ги испушта во воздухот.

Државниот инспекторат за животна средина има 19 инспектори, од кои 16 за животна средина, двајца за квалитет на води, еден за природа. Нивната статистика вели дека во првите шест месеци годинава биле направени 947 контроли на индустриски капацитети, а биле откриени 120 неправилности. Ниту во овој извештај ниту во друг достапен документ нема податоци кои неправилности се утврдени и кај кои субјекти. „Во првиот шестмесечен период од 2020 година нема промени во состојбата со проценетите ризици, а субјектите кои биле предмет на надзор генерално ги почитувале законските одредби“, пишува во извештајот.

Ана Петровска нов в.д. директор на Државниот инспекторат

На чело на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) е назначена Ана Петровска, поранешен државен секретар во МЖСПП. Инспекторатот на почетокот на минатиот месец остана и без своите простории поради пожарот во зградата каде што беше сместен и во кој целосно изгоре документацијата на ДИЖС. Смената доаѓа кусо по објавувањето на Извештајот на ЕК со забелешките за недонесениот закон за инспекција и дека нема напредок во доменот на еколошката одговорност. Петровска доаѓа на позицијата на местото на Фејзула Спахија од ДУИ.

Минатиот месец, повеќе граѓански еколошки организации потпишаа јавна петиција против нејзината смена од позицијата државен секретар во МЖСПП како познавач на областа на заштита на животната средина.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот