Градските ракуни се менуваат: Научниците веруваат дека сме сведоци на раните фази на припитомување
Паметните и прилагодливи градски ракуни можеби се наоѓаат на почетокот на процесот што некогаш од дивите волци создаде домашни кучиња. Новите истражувања укажуваат дека урбаните ракуни развиваат пократки муцки, карактеристика типична за припитомени животни, пишува Си-ен-ен.
Препорачано
За Рафела Леш, доцентка на Универзитетот Арканзас во Литл Рок, првиот сомнеж се појавил по случајна средба со ракун што без страв пребарувал низ канта за ѓубре во градот.
„Тогаш почнав да се прашувам дали постои разлика меѓу популациите од руралните и урбаните средини и дали урбаните ракуни, можеби, се движат кон припитомување“, изјави таа за Си-ен-ен.
Иронијата е што токму човечкиот отпад повторно игра клучна улога. Фосилните записи покажуваат дека волците пред околу 30.000 години почнале да се движат околу човековите населби, хранејќи се со остатоци. Со тек на време тоа довело до постепено менување на нивното однесување и изглед, процес што денес го нарекуваме доместикација.
„Ѓубрето е двигател. Каде и да одат луѓето, таму е и ѓубрето. Животните го обожаваат. Сè што треба да направат е да го поднесат нашето присуство и да не бидат агресивни. Би било и прикладно и смешно ако следната припитомена животинска врста станат ракуните“, додава Леш.
Тимот на Леш сакал да провери дали ракуните што живеат во близина на луѓето развиваат пократки муцки – познат маркер на припитомување. Овој „синдром на доместикација“ бил забележан уште во 19. век од Чарлс Дарвин: пократка муцка, помали заби, спуштени уши, подзавиткани опашки и бели дамки на крзното.
Причината, според истражување од 2014 година објавено во „Џенетикс“, лежи во природната селекција на помалку агресивни единки. Овој процес влијае на ембрионалниот развој, особено на клетките на нервниот гребен, кои го формираат лицето, главата и пигментните клетки.
Леш и 16 студенти прегледале повеќе од 19.000 фотографии на ракуни на платформата ајНатуралист. На 249 фотографии ракуните биле снимени од идеален профил. Со помош на софтвер тие ја измериле должината на муцката и главата, а потоа ги обележале местата каде што биле фотографирани примероците.
Резултатот бил јасен: урбаните ракуни имале 3,6 отсто пократки муцки од оние во руралните подрачја.
„Звучи малку, и навистина е малку, но ако навистина гледаме во почетните етапи на доместикација, ова е многу јасен сигнал“, вели Леш, главен автор на трудот објавен на 2 октомври во списанието „Фронтиерс ин зоолоџи“.
Не сите научници се уверени дека станува збор за доместикација. Зооархеологот Кетрин Гросман од Универзитетот Северна Каролина вели дека е можно да станува збор за фенотип што се совпаднува со характеристиките на припитомување, без самиот процес да е навистина започнат.
Дополнително, класично припитомените животни – како волци, овци или говеда – имаат јасна социјална структура и живеат во групи со хиерархија. Ракуните, иако чести во близина на луѓето, не спаѓаат во видови со силна групна организација.
Сепак, Леш истакнува дека доместикацијата може да изгледа различно кај различни видови. И дивите мачки и волците се припитомени, иако имаат сосема различни социјални системи. Ракуните, вели таа, се сепак доста друштвени животни.
Леш планира да ги спореди резултатите со голема колекција черепи од ракуни стари повеќе децении, како и да ги анализира разликите во однесувањето меѓу урбаните и руралните популации.
Но, без патување низ времето, никогаш нема да може со сигурност да утврди дали ова е вистински почеток на припитомување.
„Ако навистина започнува процесот, за неколку илјади години ракуните би можеле да развијат и спуштени уши, бели шари или завиени опашки. Она што ме возбудува е што оваа приказна ја следиме буквално во нејзиниот зародиш. Можеби нема да го видиме исходот, но можеме да го забележиме почетокот“, заклучува таа.


