Градоначалникот на Вевчани смета дека ниту една маска не може да претставува провокација

Домаќините очекуваат да биде надмината минатогодишната посетеност од 10.000 гости, а доколку капацитетите се наполнат, гостите ќе можат да се сместат во Охрид и Струга.

На 12, 13 и 14 јануари во Вевчани ќе се одржи традиционалниот Вевчански карневал, кој , според кажувањата на организаторите датира од пред 1,5 милениум.

Овогодишниот слоган е  „Напрај се Василичар“. Маските се подготвени, а вевчанци прашуваат „Кеојш“? на што очекуваат да им одговорите: На Вевчански карневал!

Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски денеска на прес конференција ги соопшти деталите околу организацијата на фестивалот.

„На карневалот ќе се спојот паганскиот и модерниот свет. Маските ќе се претстават на 13 јануари, а ден претходно, вевчанскиот карневал ќе го отвори Влатко Лозановски. На 14 јануари, според традицијата маските ќе бидат запалени, со што симболично ќе бидат избркани лошите духови, рече Јанкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека нема никакво влијание врз изборот на маските, но редовно апелира да не се прават верски провокации.

„Откако сум јас градоначалник, немало поголеми провокации со маските. Во повеќе наврати сме апелирале да се внимава при изборот на маски, но јас лично никогаш не ги сфаќам маските како провокација“, рече Јанкоски.

Маските коишто се подготвуваат во текот на целата година, се уште се чуваат во тајност, но организаторите најавуваат многу сатира, креативност и одлична забава.

Домаќините очекуваат да биде надмината минатогодишната посетеност од 10.000 гости, а доколку капацитетите се наполнат, гостите ќе можат да се сместат во Охрид и Струга.

Вевчанската тава, ѓомлезето и препознатливото вевчанско вино, ќе бидат причина плус да го посетите фестивалот, а прв пат оваа година свое кулинарско шоу ќе има и младиот готвач, познат по емисијата Готвење со Бранко ( Cooking with Branko).

За забавата ќе се погрижат Ај Кју, Брас Брадерс, Диџеј Тодороф, Дамјан Стојановски, Татјана Стефановска и дувачкиот оркестар „Весела дружина“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот