„Јавно-здравствената бомба“ експлодира, секое трето дете во Македонија е дебело

Фото: EPA/KELD NAVNTOFT

Дебелината односно прекумерната телесна тежина од година вгодина е се поголем проблем кај децата во Македонија. Анализите на Центарот за јавно здравје-Тетово, покажуваат дека секое трето дете во Македонија е дебело.

Последната направена статистика за тетовскиот регион, вели дека дека околу 34% од машките деца се дебели, односно со прекумерна телесна тежина и речиси 33% од девојчињата се дебели односно со прекумерна телесна тежина.

Слична е статистиката и на ниво на цела држава.

Дебелината е ризик фактор за појава на разни незаразни заболувања од типот на дијабет, хипертензија, кардиоваскуларни, како и бубрежни заболувања.

Затоа на овој проблем треба да се пристапи сериозно оти зеде голем замав од 2000 – година, велат од Центарот за јавно здравје Тетово.

Во почетокот на новиот милениум од 2000-та до 2005 година за дебелината се зборуваше како за „Јавно-здравствена бомба“ и сега таа бомба веќе експлодира и стана болест.

„Стандард за испитување на дебелината кај децата се уште е боди мас индексот, иако во последно време приматот го губи во соодносот на коскената, мускулната маса како и масното ткиво. Зошто ни е потребна оваа алатка боди мас индексот?.Потребна ни е за да знаеме да менаџираме во подоцнежниот период од животот со дебелината на децата, за да не бидат пациенти. За да не ги лечиме во подоцнежниот период од овие заболувања ние работиме на овој проблем и економски најоправдана е превентивата, односно следење, мониторинг на децата и врз основа на тоа ги градиме политиките. Кога зборуваме за дебелината во детска возраст, модерни се во последно време разни диети, кај нив постои мода, на секои 5 години излегува некоја нова диета. Наша препорака е кога децата се во најголем раст и развој да нема диети, да не гладуваат, да се обидеме да го стопираме зголемувањето на телесната тежина.Сега кои се нашите препораки: Да се избегнува нездрава храна, балансираност во исхраната, да се избегнува седечкиот начин на живот и зголемена физичка активност.Но, не е повеќе практиката јади помалку, а имај повеќе физичка активност, многу посложени се факторите за зголемена телесна тежина, значи тука се и биолошките фактори и генетските фактори и социо-економските фактори и секако факторот на животната средина“, вели доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Фото: Слободен печат

Статистиките на светско ниво покажуваат дека на секои десет години настанува двојно зголемување на прекумерната тежина кај децата. На овој здравствен проблем не треба да се гледа со стигма оти децата се чуствителни и кај нив може да настане емоционален дисбаланс, велат здравствените работници.

„Ние како центри за јавно здравје даваме препораки за здрава исхрана во училиштата, зголемување на дополнително плус еден час по физичка активност кај децата и тоа се прифати.Така да препораките се тие, властите треба да ги следат препораките, како и да ги следат препораките на светско ниво. Меѓу другото ја испитуваме и биолошката вредност на храната која ја јадат децата од претшколска и школска возраст. Препораките се да се зголеми внесот на овошјето и зеленчукот, регистрирано е кај децата дека има зголемен внес на шеќер и сол и главна препорака е 8 чаши вода на ден да се пие минимум“, вели доктор Ратко Давидовски.

Дека гојазноста е голем проблем покажува и статистиката дека речиси една милијарда од светската популација е дебела, а се повеќе и во Македонија се отвораат разни центри против дебелината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот