Гоце Делчев: Изборен маркетинг во Бугарија или реална закана за почетокот на преговорите со ЕУ

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Дали Гоце Делчев ќе биде уште еден пример дека на Балканот се се врти околу избори или пак „комшиските“ закани што меѓусебно си ги упатуваат балканскките земји се реални. Во Бугарија актуелни се предизборните сцени (средби со граѓани, посета на градежни објекти, т.н. „војна“ со лажните вести за ковид-19), нешто што во Македонија се гледаше пред околу три месеци.

Најжестока е реториката меѓу премиерот Бојко Борисов од ГЕРБ и претседателот Румен Радев, кој на претседателската функција дојде со поддршка на Социјалистичката партија. И додека трае меѓусебното пепукување кој не/направил нешто (ништо) за граѓаните, бугарската политика во ниту момент не го заборави македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Острата реторика на бугарските владини претставници кон Македонија и меморандумот до ЕУ со кој најавуваат дека ќе го блокираат европскиот пат на Македонија доколку не прифатиме дека Гоце Делчев по националност бил Бугарин, ја отвора дилемата дали револуционер, кој уште пред еден век напишал дека „светот го разбира единствено како поле за културен натпревар на народите“ е ставен во вртлогот на изборната кампања во Бугарија или пак е релана закана за Македонија.

Александар Кржаловски од МЦМС смета дека заканите за блокада од бугарска страна треба да се земат сериозно, бидејќи се реални за нашиот европски пат.

– За време на избори, вообичаено преидзборната реторика е позаострена, би рекол дури и порадикална. Тоа сега се случува и во Бугарија се со цел да можат политичките конкуренти да направат разлика меѓу себе. Така што невозможните барања од бугарска страна можат да се гледаат и во тоа светло. Но, нивната реторика не би ја свел само на тоа, бидејќи сепак бугарска влада има официјална позиција пресликана во писмото што неодамна го испрати до ЕУ. Можеби логиката на првите реакции од Европа, „да не се возбудуваме премногу“, и дека Бугарија претерува со барањата кои се неприфатливи и нелогични за 21 век, и дека тие им припаѓаат претежно на историчари и академски личности, а помалку на политичари, треба да ја прифатиме. Овојпат гледајќи ги таквите пораки би можеле да сметаме на поголема поддршка од европските земји. Но, тоа не мора да значи дека на крајот ќе има поволно решение за нас. Бугарија сега смета на попустливоста што ја направивме со Грција и сега тоа го користи за ние да бидеме тие што ќе попуштиме повеќе отколу што треба – вели Кржаловски.

На официјалните фејсбук профили на премиерот Борисов и претседателот Радев се поставени видео клипови на кои се гледадека тие двајца се среќаваат со граѓани и ја промовираат својата политика, но и дека си упатуваат остри навреди еден кон друг.

На профилот на Борисов не изостануваат ниту статусите поврзани со Македонија. Во еден од нив тој напиша:

„Во телефонски разговор со премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, реков дека како ко-претседавачи на Берлинскиот процес годинава двете земји имаат голема одговорност. Самитот во рамките на иницијативата ќе се одржи во ноември во Софија. Бугарија продолжува активно да работи за поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија и Западен Балкан. Верувам дека двете страни ќе останат посветени на спроведувањето на Договорот за пријателство, соседство и соработка потпишан во 2017 година”.

Но Бугарија, освен офанзивата за Гоце Делчев, паралелно отвори фронт и за асимилација на македонската заедница во Албанија. Од Македонско друштво “Илинден”-Тирана, за Слободен печат велат дека се загрижени за ваквиот тренд, бидејќи од ден на ден се зголемувал. Напорите на бугарските власти да го асимилираат македонското малцинство станувале се поконтинуирани.

Претседателот на македонскто друштво Никола Ѓурѓај за Слободен печат вели дека со таква асимилација секојдневно се соочуваат особено по носењето на законот за заштита на правата на малцинствата во Република Албанија. Во првичниот Предлог-закон за заштита на правата на малцинствата на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија било нотирано постоење на осум национални малцинства, Грци, Македонци, Власи, Срби, Црногорци, Бошњаци, Роми и Египќани, но под притисок албанските власти во новата верзија вметнале и постоење на бугарско малциснтво кое во Албанија го немало.

– Во последен момент, Албанија потклекна под притисокот на Бугарија и со уцена за вето за влез во Европската Унија во Законот вметна признавање на непостоечко бугарско малцинство во Албанија. Тогаш, ние, како македонска заедница во Албанија остро протестиравме и реагиравме дека сме против негирање на правата и слободите на секоја личност, група граѓани или заедница, но дека во овој случај не станува збор за бугарско малцинство! Такво малцинство во Албанија не постои! Укажавме и потврдивме дека се работи за егзистенција на македонското малцинство и дека признавањето на бугарско малцинство значи геноцид за Македонците во Албанија. Истовремено, посочивме дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската Унија со цел да ја продлабочи горенаведената цел: Асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање непостоечка бугарска заедница, вели Никола Ѓурѓај од Македонско друштво “Илинден”-Тирана.

Во Бугарија, паралелно веќе 80 дена се одржуваат и антивладини протести. Според бугарскиот европратеник Радан Канев, токму протестите довеле до еволуција на позициите на Европскиот парламент за Бугарија. Тој во изјава за бугарски медиум вели дека во неговата земја постои излез од кризата, но само преку „оставка на владата“.

Канев, предупредува дека е можно фондовите на ЕУ да бидат суспендирани поради злоупотреба на моќ. Тој најави дека на 5 октомври ќе се одржат три клучни дебати на ЕП – едната за кризата во Бугарија, другата за долгоочекуваниот единствен судски механизам и третата за односот меѓу европските фондови и корупцијата и правдата кои од бугарска гледна точка, овие три дебати се апсолутно поврзани.

И додека Бугарија си тера својата политика, Македонија очигледно игра на картата на добрососедство. Премиерот Зоран Заев очекува Софија да даде поддршка на почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ и оти тоа е и обврска и од Договор за пријателство, добрососедство и соработка.

Ѓоргиев: Барањето Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин останува неприфатливо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот