Ѓорче Петров се смести во новата зграда, објектите на другите општини „заглавени“ во процедури и спорови

Новата административна зграда на Општина Ѓорче Петров/ Фото: Фејсбук

Без никаква помпа и со кусо известување до граѓаните кои живеат во општина Ѓорче Петров и кои имаат потреба од општинските услуги, локалната администрација во јуни конечно се отсели од двокатна барака што датираше од пред скопскиот земјотрес во 1963 година и се пресели во новата зграда, на која чекаше со години. Емпорио бизнис центарот требаше да биде резултат на првото јавно-приватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и градежната компанија „Трансмет“ од Скопје, но изградбата, која започна пред 8-9 години беше прекината кога фирмата отиде под стечај. Конечно Општината ја доби новата зграда и повеќе не треба да плаќа наем за сместување.

Новата општинска зграда е веќе пуштена во употреба. Администрацијата е преселена во општинските простории, односно е веќе централизирана за разлика од претходно, кога беше поделена на повеќе локации. Направена е и промена на адресните податоци во Централен регистар на РМ и новото седиште на Општина Ѓорче Петров е на улица Ѓорче Петров број 22 – велат од оваа Општина.

Другите општини, кои започнаа постапка, изградба или најавија нова зграда, сѐ уште немаат таква среќа. Па така, новиот објект на Општина Карпош „влезе“ во дванаесеттата година од почетокот на изградбата. Кога во 2012 година почна да се гради, тогашниот и сегашен градоначалник Стевчо Јакимовски најави дека ќе биде готова за осум месеци. Во текот на градбата Општината промени неколку фирми изведувачи, а за зградата беше земен кредит во висина од 1,4 милиони евра. Последниве неколку години Општината бараше решение за да се надмине проблемот, бидејќи она што беше изградено отстапуваше од проектот врз основа на кој беше добиено одобрението за градба.

Општинска зграда Карпош / Фото: Општина Карпош

На почетокот на оваа година Јакимовски најави дека приземјето и првите два ката од административната зграда ќе бидат готови до септември, па дел од администрацијата ќе може да се смести во новиот објект. Но, септември дојде, а од Општина Карпош нема одговор на прашањето дали двата ката се веќе оспособени.

Во буџетот за оваа година за изградба на општинскиот објект беа предвидени 23 милиони денари, што според Јакимовски не се доволни за завршување на целиот објект, па се планира со парите кои ќе се предвидат во Буџетот за наредната година зградата комплетно да се доврши.

Општина Аеродром ја започна постапката за изградба на нова општинска зграда во мандатот на претходниот градоначалник Златко Марин, со што конечно Аеродром требаше да добие своја зграда, по што повеќе од општинскиот буџет не би се издвојувало за наем месечно по 8.000 евра или 96.000 евра годишно. Зградата како што беше најавено требаше да се гради во населбата Ново Лисиче, на просторот после крстосницата со булевар Србија и да биде со површина од 4.500 квадратни метри. Покрај административниот дел, требаше да има и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интегрирана подрачна единица и други простории отворени за граѓаните.

Општинска зграда Аеродром / Фото: Општина Аеродром

На јавен конкурс беше избрано идејно решение за нејзиниот изглед, а се објави и конкурс за изработка на основен проект и за изведувач. Од буџетот на Општина за 2021 година за почетокот на изградбата беа обезбедени 15 милиони денари, а останатите средства требаше да се предвидат со буџетите за 2022 и 2023 година. Од Општина Аеродром сега избраа да не одговорат на прашањето до каде е постапката со најавената изградба на новата административна зграда.

И претходниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски се пофали дека после повеќе од 40 години, локалната власт ќе добие нов модерен административен објект на местото на старите бараки.

Новиот проект предвидува модерен, енергетски ефикасен и еко објект, наместо барокното решение што претходното беше одбрано. Она што е најважно, е што, Општина Гази Баба нема никакви финансиски трошоци при изградбата на новиот административен објект, а проектот целосно треба да биде завршен за две години – информира тогаш Георгиевски.

На крајот од 2019 година Општина Гази Баба потпиша договор со инвеститорот УТП Дино ДООЕЛ, компанија од Косово за изградба на општинската зграда, која требаше да никне на местото каде се сместени старите бараки, спроти хотелот „Континентал“.

Општинска зграда Гази Баба / Фото: Општина Гази Баба

Како што информираа тогаш од Општината инвеститорот го купил земјиштето, кое опфаќа две парцели, а за сметка на тоа е должен да ја изгради општинската зграда на едната парцела со површина од 5000 метри квадратни, а на другата парцела до површина од 42 000 метри квадратни да гради станбено-деловен објект.

Токму поради ова, од најавената општинска зграда нема „ни глас“. Новото раководство на чело со градоначалникот Бобан Стефковски постапката како што дознаваме од Општината ја оспорил на суд. Судската постапка се води затоа што инвеститорот бил ослободен од плаќање комуналии, а и затоа што општинското земјиште било дадено за изградба, но само 12 отсто од новата градба би припаднало на Општината, а остатокот на инвеститорот. Па така, засега администрацијата на Гази Баба останува во старите бараки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот