Ги горат со врела вода и ги држат под клуч: Жените тешко излегуваат од кругот на семејното насилство

Фото: Profimedia

Со врела вода и ги горел рацете, поставувал камери по целиот стан за да ја гледа што прави, со секира се обидел да и ја пресече главата. Многубројни се страшните искуства со кои се соочиле жените жртви на семејно насилство. Борбата за да се излезе од тој круг е тешка и неизвесна, а најголем проблем е што жените кои ќе донесат одлука да го прекинат таквиот живот, не ја добиваат потребната поддршка од институциите, бидејќи тие не се доволно сензибилизирани за оваа проблематика, а и немаат доволно капацитети. Еден од најголемите проблеми е недостигот на шелтер центри во кои би биле сместувани жените жртви на семејно насилство на пократок или подолг период додека да се создадат услови за самостојно да живеат.

ЗА ДВЕ ГОДИНИ 34 ЖРТВИ

Во првиот семеен центар месечно помош добиваат 60 до 70 жртви на семејно насилство. Оттаму велат дека многу е тешко да се работи со жртвите на семејно насилство, бидејќи процесот е долг и тежок, исполнет со страв и неизвесност, а поддршката од институциите недоволна. Центарот функционира како специјализирано советувалиште за поддршка на жртви на семејно насилство, сторители на семејно насилство и деца кои биле жртви и сведоци на семејно насилство. Оние на кои им се потребни услугите, истите ги добиваат целосно бесплатно, а до центарот доаѓаат преку центарите за социјални работи, невладините организации кои работат со жртви на семејно насилство, како и преку директен контакт на телефон или преку социјалните мрежи. Менаџерката на Центарот, Фросина Ивановска, вели дека општеството станува посвесно за овој проблем, но се уште е голема бројката на непријавени случаи.

– Има зголемен број на пријави, но се уште има и голема темна бројка особено во руралните средини во градовите каде нема сервиси за поддршка. Според последното истражување, многу голем број од жените кажуваат дека биле сведоци на семејно насилство или жртви, но се уште е мал бројот на тие што тоа го пријавиле. Тоа е и заради стравот, но и не информираноста, недоверба во институциите, лошо искуство. Според истражувањето направено неодамна во периодот од 2016 до 2018 година имало 34 жени кои биле убиени како последица на семејно насилство. Тоа е многу голема бројка. Некои од нив биле регистирани во системот како жртви – вели Ивановска.

Жртвите се соочуваат со големи стравови дека насилникот ќе им ги одземе децата и ќе останат без ништо и нема да може да преживеат, или пак ќе им го одземе животот.

– Жените се соочуваат со голем страв и многу отворени прашања. Мит е дека ако на жената не и одговара насилството може да си замине. Тоа воопшто не е така. Напротив, најлошото насилство може да почне кога таа ќе реши да замине. И да замине, насилството не престанува, треба гаранција, заштита и мерки кои ќе спречат тоа да се повторува – објаснува Ивановска.

Психотерапевтите во центарот работат индивидуално и групно со жртвите. Како ќе оди третманот и колку ќе трае зависи  од тоа во која фаза доаѓа жената, колку е свесна за сето тоа што и се случува.

– Ние сме тука за да и помогнеме да сфати што и се случува, кои се ризиците и последиците по нејзе и децата, да ги разгледа можностите и ресурсите. Жените низ годините целосно ги губат контактите со пријателите и роднините, интереси, живеат затворено и сега оддеднаш треба да почнат се да прават, да ги обноват контактите, да бараат помош по институции, да најдат работа и сето тоа под страв – објаснува Ивановска.

ЖЕНАТА ИЗЛОЖЕНА НА ТОРТУРА И СТРАВ

Никогаш нема само еден облик на насилство, бидејќи целта е да се има моќ и контрола над жената. Така што тоа најчесто е цела палета на активности, изолација на жената, контрола на контакти, контрола на приходи, контрола на движење, начин на облекување, закани, заплашување, недозволување да оди на работа, задолжување на име на жената преку земање на кредити.

– За уцена ги користат децата, жената ја тераат да мисли дека е неспособна и луда, а го минимизираат насилството, како тоа да не е ништо страшно. Целата мрежа е многу комплексна, физичкото насилство е само еден дел. Многу често се демонстрира агресија преку фрлање предмети без физички жената да биде повредена – вели Ивановска.

ВО ЦЕЛАТА ДРЖАВА ИМА САМО 4 ЦЕНТРИ ЗА ПОДДРШКА

Ивана Костовска која е социјален работник во центарот, вели дека на жртвите им помагаат да го пријават случајот во институциите ако сакаат да го сторат тоа, да им се обезбедат мерки за заштита, им помагаат и во водењето на бракоразводните постапки.

– Ако жртвата не сака да го пријави случајот, не инсистираме на тоа, туку само и даваме психолошка поддршка. Ако решат да го одат патот, тогаш им помагаме да ги пополнат документите за да го пријават случајот во полиција и во центарот за социјални работи, бараме да се одредат мерки за заштита, им помагаме и во бракоразводната постапка ако се решат за тоа. Проблемот со кој се соочуваме е што нема воспоставен механизам на соработка меѓу институциите за процесот да тече непрекинато како и тоа што нема доволно центри за поддршка. Во Скопје има еден и уште четири во другите градови, што е многу малку – вели Костовска.

Во овие центри капацитетити најчесто се полни и нема место за сместување особено ако тоа е потребно да трае подолго време.

Во Првиот семеен центар децата добиваат психосоцијална поддршка за да го надминат лошото искуство, да се рехабилитираат,  да им се даде нов модел на однесување. Сторителите на семејно насилство во Центарот доаѓаат со судска мерка или само со упат и првично одбиваат да соработуваат. Но после неколку средби, се намалува нивната првична агресија и кај половината има целосен или делумен ефект од третманот, но останатите не сакаат да прифатат одговорност за тоа што го правеле.

И МАЖИТЕ МАЛТРЕТИРАНИ, АМА РЕТКО

Помош во центарот барале и мажи кои се жртви на семејно насилство.

– Тоа се многу ретки случаи, но мора да кажам дека не сум сретнала маж кој бил жртва на насилство од жена кој е под нејзина целосна моќ и контрола, кој стравувал за својот живот и кој е грубо повреден и сме имале потреба да го спасиме за да не биде убиен – вели Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот