Гест на добра волја што Бугарија ќе го злоупотреби

Историчарите и аналитичарите му забележуваат на премиерот дека учебниците не се пишуваат според желбите на политичарите, а историските вистини не можат да се скријат.

Жестоки реакции предизвика изјавата на премиерот Зоран Заев за интервенции во учебниците по историја каде што наместо бугарски фашистички окупатор ќе стои само фашистички окупатор, со образложение дека е таква практиката во европските држави и фашизмот нема етнички предзнак и дека со Бугарија градиме пријателство. Историчарите и аналитичарите му забележуваат на премиерот дека учебниците не се пишуваат според желбите на политичарите, а историските вистини не можат да се скријат.  

Според историчарот и аналитичар Благојче Атанасоски, потегот на премиерот Заев е гест на добра волја што од бугарската страна ќе биде протолкувано како „признавање на вистината“.

– А вистината е една: колку и траорно и непријатно да звучи, државата Бугарија во Втората светска војна била на страната на нацистичка Германија и фашистичка Италија, т.е. во оската која ја нападнала и окупирала речиси цела Европа. Бугарите не треба да имаат срам од тоа свое минато, напротив, треба да се издигнат над него и да ја прифатат историската вина, како што сторија своевремено Германците. Насекаде во светските историски учебници пишува кои земји се окупаторски, а кои се бореле против нив за да си ги ослободат своите земји и нонсенс е за тоа да се дебатира и ревидира. Единствено може да се направи прецизно утврдување и наместо „бугарскиот фашистички окупатор“ да стои „Фашистичка Бугарија“, како што пишуваме „Нацистичка Германија“, за да дадеме појаснување дека станува збор за одреден временски историски период во кој тие држави, т.е. нивните државници, донеле погрешни геостратешки одлуки со кои ја предизвикале најголемата катастрофа во историјата на човештвото дотогаш. Како и да е, и овој „гест на добра волја“ од страна на Бугарите нема да биде протолкуван како чекор напред – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој додава дека Бугарите од нас бараат нешто сосема друго, а тоа е ние да прифатиме и да признаеме дека сите револуционери, преродбеници, писатели и интелектуалци се сметале себеси за етнички Бугари до 1945 година, а потоа со акт на Коминтерната или со одлука на Тито, преку ноќ, „исконската бугарска земја Македонија се македонизирала, а во суштина се србојугословенизирала“.

– Тој ултиматум го бараат Бугарите, а тоа ни во најголемото лудило „нема како да стане“ – вели Атанасоски.

Премиерот Заев завчера повтори дека до крајот на годината очекува со Бугарија да се договорат за клучните прашања, а тоа се Патоказот за меѓусекторска соработка, краткото и долгото име на државата, обврската за немешање во внатрешните работи и Преговарачката рамка за која Бугарија треба да се договори со ЕУ. Тој додаде дека треба да се реагира и за спречување на говорот на омраза, пред сè самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека учебниците нема да се менуваат, туку само термините каде што пријателската нација Бугарија е поврзана со фашистичкиот окупатор.

– Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата, се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство нормално очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се исто така и од бугарската страна тоа да го направат оти така се гради пријателство – рече Заев.

Оваа изјава предизвика несогласувања кај експертската и општата јавност, особено што за вакви прашања е надлежна Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, која, пак, треба да биде ослободена од политички влијанија.

Професор Ѓорѓи Спасов напиша дека во Македонија во време на Втората светска војна имало бугарски фашисти како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти, што е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници.

– Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во Втората светска војна, тоа не треба да ги навредува Бугарите освен ако сметаат дека за време на Втората  светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии туку само „ослободители и администратори“. Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати, но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кај што треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти и ништо повеќе – реагираше професорот на Фејсбук.

Историчарката Наташа Котлар во своја објава на Фејсбук, пак, потенцираше дека учебниците се пишуваат врз основа на научните сознанија и принципи, а не според желбите на премиер, претседател или владетел за „пријателски дух“.

– Ова е фалсификување на некогашната сегашност – минатото на еден народ. Во Европа и во светот фашистичката власт или окупација има и етничка определба. Во учебниците стои формулацијата германскиот фашистички окупатор (Полска, Словенија и др.), јапонскиот фашистички окупатор (Кина) итн. И во историјата на македонскиот народ е коректно напишано дека во периодот од 1941 до  крајот на 1944 година тој се борел против германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор и против албанската колаборациска фашистичка власт. Ова го има во документацијата на антифашистичката борба на македонскиот народ и во документите на АСНОМ – потенцираше Котлар.

Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, пак, праша дали ќе се избрише делот од бугарските учебници каде стои дека Македонија е бугарска држава.

– Република Бугарија уште еднаш го потврдува својот тврд став по т.н. македонско прашање. Ова е блокада на нашиот европски пат. Како држава, сега мора да имаме цврст политички став базиран на резолуцијата едногласно усвоена од нашето Собрание, со која се знае за што можеме да преговараме, а за што воопшто не треба. Исто така, важно е дали Бугарија е сама во ЕУ или има и други држави кои исто размислуваат – вели поранешниот амбасадор за ТВ Алфа.

Јотова: Бугарија е под притисок да се откаже од ветото

Бугарија продолжува да биде под силен европски притисок да се откаже од своето вето на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова за БНР. Таа оценува и дека ЕУ има сè поголемо разбирање за барањата на Софија кон Скопје, кои се претежно поврзани со правата на луѓето со бугарски идентитет.
Потпретседателката посочи неколку опции во врска со барањата што Бугарија сака да влезат во преговарачката рамка.

– Дали овие услови што ги поставивме ќе бидат во првото поглавје или ќе бидат запишани и ќе траат како црвена нишка во целиот процес на преговори или конечно ќе бидат изнесени во посебно 36-то поглавје е прашање на разработка – изјави Јотова.
За ова ќе се дискутира на претстојниот состанок ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври што го организира Словенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот