Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Кремаста торта со малини
Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.
Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Дијана денеска ни споделува рецепт за кремаста торта со малини.
„Кремаста, овошна и многу освежителна торта. Се надевам ќе ви се допадне исто колку и мене. Со вас ќе го споделам рецептот за цела количина. Јас правев една третина од количината. Место 3 теста, едно поделено на 3 ленти и една третина од кремовите“, вели таа.
Потребни состојки:
За кората:
– 7 белки
– 200 г шеќер
– 100 г мелени ореви
– 2 лажици брашно
(се печат 3 вакви теста)
За 1 крем:
– 21 жолчка
– 2 јајца
– 25 лажици шеќер
– 500 г путер
– 200 г шеќер во прав
– 300 г мелена плазма
За 2 крем:
– 400 мл слатка павлака
– 360 г кисела павлака
– 900 г малини
Подготовка:
Загрејте ја рерната на температура од 180 степени Целзиусови. Изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот додека добиете цврст снег. Додајте ги оревите и брашното и измешајте полека. Ставете ја смесата во тавче за торта обложено со хартија за печење. Испечете 3 вакви теста.
За 1 крем:
Изматете ги жолчките и јајцата со шеќерот. Варете го кремот на пареа додека се згусне. Оставете го да се олади. Изматете го путерот со шеќерот во прав. Кога ќе се олади кремот, целосно спојте го со путерот убаво и додајте ја мелената плазма.
За 2 крем:
Изматете ја слатката павлака. Додајте ја киселата павлака и матете додека се спојат убаво. Редете ја тортата на следниов начин: Кора, крем со плазма, малини, бел крем. Одозгора декорирајте по желба. Изладете ја убаво тортата и уживајте.