ФОТО: Разбиен меѓународен канал за шверц на дрога, запленета марихуана вредна околу 150.000 евра

Фото: МВР

Полицијата пресече меѓународен канал за трговија со дрога, при што во акцијата се уапсени пет лица од Гевгелија, Валандово и Струга, од кои двајца поранешни вработени во МВР, и е запленета дрога марихуана во вредност од околу 150.000 евра.

Фото: МВР

Како што соопшти МВР, акцијата, спроведена вчера, е резултат на спроведена истрага почнувајќи од минатиот месец од страна на Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, насочена кон лица инволвирани во организирање на меѓународни транспорти на марихуана од Албанија преку територијата на земјава кон Грција, а организатор на криминалната група инволвирана во меѓународни транспорти на марихуана е М.А. (50) од  Гевгелија.

– Во текот на истрагата беа добиени информации и податоци дека овие лица во периодот од 19.07.2021 година ќе организираат пренос на поголема количина марихуана од Албанија до Струга потоа до Гевгелија, со цел истата да ја транспортираат кон Грција. На 22.07.2021,  И.К. (37) од Гевгелија, З.Б. (52) од с. Грчиште, Валандово и Д.С. (27) од с. Марвинци со возило „опел вектра” со гевгелиски таблички се упатиле кон с. Јанковец-Ресен, каде оствариле средба со Д.Д. (38) од с. Ливата, Струга, кој пристигнал со возило „опел вектра” со ресенски таблички, а со кое Д.Д. ја донел и претходно обезбедената марихуана. Тоа возило било преземено од Д.С. и тој се упатил од с.Јанковец во правец на Градско, а И.К. и З.Б. со возилото со гевгелиски таблички се движеле пред него во улога на чистачи, наведуваат од МВР.

По преземени мерки и активности, на 22.07.2021 околу 16:35 часот двете возила се запрени од полициски службеници од ОКП, ОСОСК и ОСПО-САЕ Тигар, при што во возилото што го управувал Д.С., во багажниот простор биле пронајдени три торби со 54 пакувања марихуана, која според првичните проценки има пазарна вредност од околу 150.000 евра,  по што сите се лишени од  слобода.

Фото: МВР

Во координација со СВР- Струмица,  СВР-Охрид и РЦ Југ извршени се и повеќе претреси на подрачје на Гевгелија, Валандово и Струга каде од слобода се лишени М.А. и Д.Д. (инаку поранешни вработени во МВР). За време на претресите пронајдени се голем број мобилни телефони со СИМ картички, додека кај И. К. пронајдени се и одземени и две ловечки пушки, пиштол и муниција за наведените оружја кои лицето ги поседувал без дозволи.

Фото: МВР

За сите превземени активности известен е надлежен Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, при што по комплетирање на целокупната документација против наведените лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за сторено кривично дело по чл. 215 ст.3 од КЗ на РСМ – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори за што е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот