ФОТО | Ели Танасковска ја омажи ќерката: Плачев кога го видов невестинскиот фустан на ќерка ми, свадбата беше бајка

Фото: Приватна архива

Новинарката на МРТ Ели Танасковска и целото нејзино семејство се уште под импресии од свадбата на ќерката Леона, која минатиот викенд се омажи за својот избраник Стефан. За најважниот ден на својата сестра, од Канада дојде и постарата ќерка на Ели, Симона со ќерките.

Фото: Приватна архива

Ели вели дека младенците сами ја организирале свадбата за која многумина од гостите рекле дека била како бајка.

– Кога до тебе имаш вистински пријатели, личности за кои душата си ја давал, тие еден ден ќе ти го реализираат невозможното. Сум стоела од страна за сите успеси во мојот живот, од причина што секогаш ќе се најде некој да коментира лоши и намерно болни коментари. Сега, искрено сакам да ја споделам својата среќа, да охрабрам многу млади дека со пријатели, бајка се создава.

Свадбата на Леона и Стефан многумина ја споредија со бајка. Тоа навистина се случи! Тие двајцата сѐ сами организираа. Ние бевме во Канада кога ни пишаа дека одбраа датум и хотел „Њу стар“. Нивна беше и желбата „Балкан бенд“ да им свири. Рековме, како сакате вие, така ќе биде. И почна приказната. Леона го раководи „Ребис“ веќе неколку години.

Нејзината најдобра пријателка, дизајнерката Маја Десподовска, ѝ кажа „јас ќе ти го направам невестинскиот фустан, тоа е мојот подарок“. Три месеци секој ден го везеше, го украсуваше, како во приказните. Кога појдов на проба, се расплакав. Беше поубав од оригиналот. Ми поминаа милион слики пред мене. Моето мало девојче, го гледам како идна невеста. Тоа беа силни емоции. Таа и Стефан сами ги дизајнираа поканите, беа оригинални, бонбоните, тортата“, вели Ели за свадбата на ќерката и зетот.

Фото: Приватна архива

Леона е инаку дизајнер во своја печатница „Индиго хаб“ и кореограф, и е доста креативна личност. Досега дизајнирала сликовници, радосници, календари, тефтери, персонални сликовници.

Фото: Приватна архива

– Лесно ѝ беше да си ги осмисли поканите и целиот декор. Сами направија сценарио, да се најават родителите на зетот, на невестата, сестрите со семејството. И беше величествено. Моја беше желбата Лозано да ја испее „Усни на усни“, прифати како најголем професионалец. Мојата посестрима Марина Дојчиновска рече „Остави Елче, Мајовци да ги донесам како свадбен подарок“. Нивното влегување беше ерупција, излив на емоции, ежење и ритам во кој тонеш, се сплотуваш и вознесуваш!

Мојот долгогодишен пријател Перо Митаноски дојде со неколку возила од Дојран и рече: „За Леона и Стефан ќе создадам бајка“. Баки, менаџерот на „Њу стар“, ми се јави и ми велеше: „Човеков два дена украсува, ова што го донел е чудо“. Мојата драга пријателка Марија, која е матичар, ми рече: „Сум венчала преку 600-тини младенци, оваа префинетост и бајка, првпат ја гледам! Диме и Ивона, нашите стилисти, направија невидена атмосфера.

Признавам. Јас која сум прецизна, организирана, релаксирана, тој ден бев во грч! Тие го сетија тоа, отворија шампањ, ги повикаа и другите клиенти, пуштија музика и на свадбата беа еден од најубавите парови. Како од Холивуд! Ние, средени, најубави со фризура и шминка! Венчавањето во црква беше величествено. Тони, свекорот на Леона, го организираше тоа. Ги венчаа три попа! Беше преубаво да се слушнат светите зборови за тајната на бракот и значението, заветот! Пред хотелот нѐ чекаше најубавиот раскошен дел за матично. Перо осмислил сѐ до детаљ!

Само се молевме да не заврне и да не ја растури магијата. Црвениот килим за гостите, шампањот и звуците на Маестро Бојан, создадоа величествена атмосфера. Мора да признам, моите сватови Весна и Тони ги имаме повеќе како брат и сестра. Едно сме. И нашите ќерки Симона и Ивана, како едно беа. Сѐ правеа од љубов. Нашите внуки, иако многу мали, си ја разбраа задачата. Беа преубави, насмеани и расположени невестулки.

Кумот дојде од Хрватска, старосватицата покажа што е македонски фолклор. Колешките кореографи на Леона направија изненадување, кореографија од нив, ветеранките. Се придружија девојките од големата група, дел од роднините, јас и Весна. Беше спектакл и вистинско изненадување – раскажува Ели и го доловува моментот како еден од членовите на бендот го најавил изненадувањето.

– Златко од „Балкан бенд“ рече: „Се извинуваме, снема струја. За тоа време почна  кореографијата. Беше вистинска еуфорија, дел по дел се приклучувавме сите во ист ритам и кореографија и на крај една масовна забава, со светло, извици и аплаузи! Сѐ беше спонтано, полно со среќа и радост! Им благодарам на сите што беа дел од нашата веселба.

Леона и Стефан имаа долга врска, ја крунисаа со брак. Ни ставија најсветла круна на семејствата Јакимовски и Танасковски. Во здравицата реков: „Пожелувам син, брат, зет и пријател каков што е Стефан. Полн со разбирање, почит, манири, култура – ни раскажува Танасковска и додава:

– Тони, свекорот, ѝ порача на снаата: „Добре дојде Леона во фамилијата. Ние ги почитуваме и сакаме сопругите. Ти ветувам, сакана и почитувана, од сите ќе бидеш“.

Фото: Приватна архива

Ели се сеќава дека многумина од гостите, пуштиле солзи радосници, ја разбрале нивната сплотеност, заедничка радост, среќа и искрена љубов.

– Дај Боже да нѐ израдуваат побрзо со пород! Да ни е радоста целосна. Имавме гости од Канада, Чешка, Словенија, Хрватска, Шведска, Србија. Долго по свадбата во нашите домови, продолжи веселбата со гостите, заедно со сватовите. Секој ден до сабајле. И се прегрнувавме искрено и со мерак. Да ни трае заедничката радост! Им пожелувам на сите кои подготвуваат свадба, пуштете ги младите да си ја осмислат, нека си ги одберат гостите и сите чинители. Поддржете ги и уживајте целосно. Тоа се мигови за цел живот! – порачува познатата домаќинка на емисијата „Неделен магазин“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот