ФОТО | „Берлинале“: Стивен Спилберг ја доби почесната „Златна мечка за животно достигнување“
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, попознат како „Берлинале“, му оддаде почит на Стивен Спилберг и му ја додели почесната статуетка „Златна мечка за животно достигнување“. Наградата му ја даде пејачот на музичката рок-група „ЈуТу“, Боно, пренесе „Дедлајн“.
Препорачано
Режисерот, кој има еврејски корени и кој е добитник на наградата Оскар за еден од најпознатите филмови со еврејска тематика – „Schindler’s List“, изјави дека му е особена чест да ја прими оваа статуетка во главниот германски град, Берлин.
„Оваа чест има особено значење за мене бидејќи јас сум еврејски режисер. Сакам да верувам дека овој мал момент е голем чекор за лекување на болните моменти од историјата“, изјави тој.

„Германскиот народ покажа дека е подготвен да ја прочита историјата на својата земја, да се соочи со нејзините лекции во врска со антисемитизмот, фанатизмот и ксенофобијата. Другите земји, вклучително и мојата, можат многу да научат од храбрата решеност на германскиот народ да дејствува за да ги спречи фашистите да ја преземат власта“, додаде режисерот.
И покрај долгогодишното искуство, режисерот изјави дека сè уште има желба да работи и да твори.
„Јас снимам филмови долго време, речиси шест децении, но имам чувство дека ги снимив ‘Duel’ и ‘Jaws’ минатата година“, изјави тој, реферирајќи на неговото филмско деби „Duel“ од 1972 година и на филмот „Jaws“ од 1975 година.

„На 76-годишна возраст, јас знам многу повеќе за правењето филмови отколку кога имав 25, кога го снимив мојот прв филм. Но, вознемиреноста, неизвесноста и стравовите што ме мачеа кога го снимав ‘Duel’, ме мачат и ден-денес“, додаде Спилберг.
Спилберг е една од највлијателните личности во киноиндустријата, со неверојатна кариера што се простира нешто повеќе од пет децении. Филмовите „Jaws“ (1975), „E.T. the Extra-Terrestrial“ (1982), „Schindler’s List“ (1993), „Saving Private Ryan“ (1998) се само мал дел од неговата плодна филмографија.
Неговото последно достигнување „The Fabelmans“ (2022) е во трка за најпрестижната филмска награда Оскар, а веќе се закити со голем број признанија во годинашната сезона на филмски награди.


