ФОП: Бараме ветинг на државните универзитети бидејќи се нетранспарентни, со низок квалитет и коруптивни афери

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Високото образование во Република Северна Македонија во последните десет години се карактеризира со низок квалитет, нетранспарентност и коруптивни афери, велат од Форумот за образовни промени, од каде побараа да се спроведе ветинг на државните универзитети кој како што рекоа ќе послужи како основа за одржување на академскиот углед и борбата против корупцијата во високото образование.

„Не случајно, секоја академска година, нашите државни универзитети имаат по илјада студенти помалку и додека се намалува бројот на студенти во земјава, се зголемува бројот на наши студенти кои студираат во странство. Сето ова е показател дека реформите на ова поле се неизбежни. Потребата за сеопфатен процес на ветингот во високото образование во овој момент е национална потреба.Со ветинг се обезбедува квалитет, доверливост и интегритет во високото образование“, посочи Бленди Ходаи претседател на ФОП.

Оттаму истакнаа дека имаат предлог за спроведување на ветингот во високото образование кој се фокусира на три области.

„Лицата на раководни позиции на универзитетите како што се ректори, проректори, декани, продекани треба да бидат дел од ветингот. Државниот просветен инспекторат и Државниот завод за ревизија на почетокот на секоја академска година да вршат вонредни инспекциски надзори за проверка на потенцијалните неправилности во текот на нивната работа како и начинот на управување со финансиите.Да се проверат сите одлуки за акредитација на сомнителни програми од одборот за акредитација во високото образование. Членовите на оваа институција мора да поднесат ветинг, со кој ќе се процени нивната професионална етика како и евентуалниот конфликт на интереси.Да се проверат академските звања на професорите против кои во јавноста постојат индиции дека звањето го добиле спрпотивно на Законот за високо образование“, вели Бленди Ходаи претседател на ФОП.

Според ФОП универзитетите во земјава се нетранспарентни.

„Како мерка за зајакнување на транспарентноста на високообразовните институции во Северна Македонија, предлагаме: Пренос во живо на состаноците на универзитетскиот Сенат. Сенатот е најважниот орган во рамките на еден универзитет, додека универзитетите се јавни институции, односно на граѓаните, особено на студентите кои имаат право навреме да бидат информирани за одлуките што ги носи овој орган, што до денес е тотално анонимно и за студентите и за сите граѓани на државата.Објавување на сите важни документи на веб-страниците на универзитетите. Забележавме дека освен суштински јавни документи како статути, финансиски извештаи и други, биографиите на професорите не се објавуваат на веб-страниците на универзитетите и бараме тоа да се направи итно. Повторно потсетуваме дека универзитетите се јавни институции додека професорите се плаќаат од даночните обрзници, затоа студентите заслужуваат да бидат информирани за професорите кои им предаваат и кои се платени со нивните даноци“, велат од Форумот за образовни промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот