Филхармонија ќе одржи интерактивен концерт-работилница со наслов „Фамилијата Металковци“

Концерт-работилницата во Филхармонија ќе се одржи на 13 јануари

Музичката работилница „Фамилијата Металковци“ е едукативен концерт на музичарите од групата лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија. Преку овој интерактивен проект музичарите ја запознаваат помладата публика со специфиноста и карактерноста на секој од инструментите кои припаѓаат на оваа оркестарска група.

Запознавањето со инструментите, нивната генеза и звук се прави на непосреден начин, преку изведба на музички фрагменти од различни жанрови – класика, народна музика, џез…

– Едукацијата на најмладата публика е многу важна за нас, како институција, зошто на овој начин ја создаваме нашата идна публика, ги поттикнуваме децата да развијат интерес за музиката која ја изведуваме, која има поинаква звучна естетика од комерцијалната. Преку овие концерти сакаме да им создадеме на најмладите добри навики на консумирање на квалитетна музика со високи естетски вредности – истакнуваат од Филхармонија.

Публиката ќе има можност да слушне фрагменти од Концертот за труба од Јозеф Хајдн, „Слики од изложбата“ од Модест Мусоргски, популарна музика од филмовите „Пинк Пантер“, „Кралот лав“ и „Приказна за играчките“. Заедно со музичарите публиката ќе ги пее најпознатите македонски песни, како „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“ и химната на Македонија, ќе се „возат различни автомобили“ со помош на тромбонот, а ќе има и квиз каде ќе ги погодуваат најпознатите филмски теми.

Концерт-работилницата „Фамилијата Металковци“ во Филхармонија ќе се одржи на 13 јануари, со почеток во 11 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот