Федерализација со лични карти

Беса предложи и речиси сите политички партии прифатија во личните карти да стои и етничката припадност. Засега процедурата е запрена поради големиот број амндмани од страна на Левица. Но факт е дека поширока јавна расправа во која ќе се изјаснат и граѓаните, немаше.

Ако тоа се озакони, а натаму оди работата, тогаш тоа би требало да биде облигаторно, а не опција. На тоа наведува текстот од предлог законот во кој се вели:
„Заради усогласување на законот со Уставот на Република Северна Македонија, а пред се од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме образецот на лична карта да се дополни и со податоци за „етничката припадност“.

На овој начин за многумина тоа би било безмалку државно насилие, затоа што граѓаните кои не сакаат да се декларираат по етничка основа, ќе мора тоа да го сторат. Отворено останува и прашањето што со сите оние кои се продукт на меѓуетнички брак, или пак не се внесени во Уставот како етнички заедници. Ќе имаат ли право да се декларираат Хрватите, Евреите, Египјаните, Бугарите, или тие ќе бидат определени како „други“.

Зачудува што оваа предлог законска измена доаѓа речиси последователно по донесувањето на законот за попис, според кој ние веќе ќе се изјаснуваме по етничка основа, со тоа што таму веројатно ќе има опција да не сакаш да се изјасниш по таа точка.

Значи на некој начин ќе правиме двоен попис, барем кога станува збор за етничката припадност.
Зачудува брзината со која за измените на законот се сложија и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.
За првите е зачудувачки што со овој чин го нарушуваат принципот „едно општество за сите“, на кој досега цврсто опстојуваа.

За вторите е навидум несфатливо што толку бргу ја продадоа „македонштината“. Но ако се има предвид дека се подготвуваат за поширока коалиција со албанската опозиција, јасно е дека и тие ќе мораат да прифатат и такви уцени.

Сепак и едните и другите треба да имаат предвид дека предлогот на Беса што го подржуваат сите партии на Албанците, не е толку наивен колку што сакаат да го претстават во јавноста, дека наводно нема ништо лошо во тоа што ако ним во личната карта им стои Албанец, нам ќе ни пишува Македонец.

Интенцијата на партиите на Албанците е јасна, тие сакаат да се декларираат како посебна етничка заедница, или уште подбро како посебен народ во иста држава и тоа никогаш не го криеле. Но така лесно може да се влезе во замка на мека федерализација. Тоа што според законот во оваа етничка само- сегрегација ќе влезат и другите етнички заедници, е само замачкување на оригинерната идеја за бинационална држава.

Инаку и досега македонските граѓани според името и презимето во личните карти генерално се разликуваа по етничката припадност, што индиректно значи дека тие иманентно се декларирале што се по етничка основа. Освен ако тоа не беше проблем за Албанците, затоа што и некои други етнички заедници во Македонија имаат слични па дури и идентични лични имиња.
Со измените на законот за лични карти тие веројатно очекуваат таа етничка разлика да се потенцира. А можеби постои и надеж дека некој од овие други етнички заедници ќе се декларира како Албанец, ако не поради друго, барем од лукративни причини.

Сепак оваа авантура може да има и несакани нус последици. Имено, заговорниците за јасно етничко декларирање во личните документи треба да знаат дека граѓанскиот концеп веќе нема да ги задскрива прекршителите на законот. Медиумите нема да имаат причина да не ја посочуваат и етничката припадност на сторителот. Како тоа ќе изгледа медиумски може само да се претпостави. Колку ли на дневна основа интра и интер етнички судири и насиллство ќе се случуваат во пракса низ извештаите на медиумите!

Тоа пак ќе повлече и водење статистика на процентуална застапенсот на одредени етнички заедници во прекршочни или кривични деликти, од што можат да се извлекуваат и заклучоци за „криминогени етнички заедници“.

Токму ваквата можност ги доведува етничките заедници во опасност од сегрегација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот