ФЕД ги зголеми каматните стапки, Волстрит веднаш потона

Фото: EPA-EFE/BIANCA DE MARCHI

Цените на акциите на Волстрит синоќа паднаа откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки и пораката на нејзиниот претседател Џером Пауел дека не очекува нивно намалување до крајот на годинава. Дов Џоунс се лизна за 1,63 отсто, на 32.030 поени, додека СиП 500 падна за 1,65 отсто, на 3.936 поени, а индексот Насдак падна за 1,60 отсто, на 11.669 поени.

Очекувано, челниците на ФЕД одлучија на дводневната седница да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на опсег од 4,75 до 5 отсто. Ова е деветто зголемување на каматните стапки откако ФЕД почна да ја затегнува монетарната политика во март минатата година, но темпото на пораст е забавено.

Во соопштението на централната банка се посочува дека поради проблеми во некои банки можна е пауза во зголемувањето на каматните стапки, но дека поради високата инфлација веројатно ќе треба дополнително да се приспособи монетарната политика.

По објавувањето на ФЕД, берзанските индекси пораснаа, но по пораките на претседателот на централната банка нагло паднаа.

„Пазарот беше охрабрен од пораката на ФЕД дека е можна пауза во зголемувањето на каматните стапки, но беше разочаран од Пауел, кој рече дека рацете на ФЕД не се врзани и дека ќе може дополнително да ги зголеми каматните стапки доколку е потребно“, објаснува Крис Закарели, директор на независна советничка алијанса.

Заострувањето на условите за финансирање значи дека ќе има намалување на кредитирањето и потрошувачката, а со тоа и забавување на економскиот раст, велат аналитичарите.

По два дена добивки, индексот на банкарскиот сектор СиП вчера падна за повеќе од 3,5 отсто, бидејќи неколку регионални и локални банки останаа под притисок на недовербата кај депонентите.

Покрај тоа, секретарката за финансии Џенет Јелен во извештајот до Конгресот рече дека не се разгледува државна гаранција за сите банкарски депозити.

Ова ги разочара инвеститорите кои се надеваа дека поради банкарската криза државата ќе одлучи да ги гарантира сите депозити, а не само до 250.000 долари.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски ФТСЕ индекс зајакна за 0,41 отсто, на 7.556 поени, додека франкфуртски ДАКС порасна за 0,14 отсто, на 15.216 поени, а париски CAC зајакна за 0,26 отсто, на 7.131 поен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот