Европската централна банка најави вонреден пакет помош од 750 милијарди евра

Европската централна банка (ЕЦБ) најави вонредна програма за купување обврзница во вредност од 750 милијарди евра во обид да им помогне на економиите да ја надминат финансиската криза предизвикана од пандемијата на новиот коронавирус. Мерките беа поздравени од Германија и Франција.

„Вонредната пандемиска програма за откуп“, како што оваа европска институција ја нарекува програмата, ќе вклучува купување обврзници од јавниот и приватниот сектор, се вели во соопштението на ЕЦБ.

– Вонредни времиња бараат вонредна акција. Нема граници на нашата посветеност кон еврото. Решени сме да го искористиме целиот потенцијал на нашите алатки во рамки на нашиот мандат – напиша претседателката Кристин Лагард на Твитер.

Одлуката за откуп на обврзниците била синоќа телефонски договорена со членовите на Одборот на ЕЦБ, како одговор на критиките дека ЕЦБ не подготвила доволно мерки за ублажување на ефектите од епидемијата на новиот коронавирус.

Одлуката на ЕЦБ веднаш беше поздравена од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот министер за економија Петер Алтмаер.

– Целосна поддршка за вонредните мерки донесени од ЕЦБ – рече Макрон, додавајќи дека сега треба европските земји да се вклучат и да ги засилат буџетските интервенции за да покажат поголема финансиска солидарност.

– Монетарниот стимул треба да покаже дека Европа е одлучна да ја надмине кризата предизвикана од вирусот – посочи Алтмаер.

„Се надевам дека со овие мерки ќе им се стави до знаење на берзите и пазарите дека Европа ќе ги заштити своите интереси и дека Европа е одлучна да ја надмине оваа криза“, додаде германскиот министер за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот