Европа на минимум

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Она што се бара од Македонија со т.н. француски предлог за преговори со ЕУ, а особено она што е содржано во т.н. Протоколи за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, ниту е прифатливо ниту е можно да се спроведе од наша страна.

И покрај најдобрата волја што во себе можам да ја најдам за соседна Бугарија и за братскиот бугарски народ, и покрај најдлабокиот респект кон Европската Унија како планетарен цивилизациски и демократски процес, и покрај својата искрена желба и напор да ја исчитувам историјата на Македонија и на македонскиот народ колку што можам понепристрасно, пообјективно и самокритично, (низ призмата и од изворите на светската историска наука, па дури обидувајќи се да ја сфатам и согледам и да бидам отворен за истата наша историја и од бугарска гледна точка), со големо жалење морам да констатирам дека она што се бара од Македонија со т.н. Француски предлог за преговори со ЕУ, а особено она што е содржано во т.н. Протоколи за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, ниту е прифатливо, ниту е возможно да се спроведе од наша страна.

Протоколот е список на желби на Бугарија, кои длабоко задираат во интегритетот на државата, ја наметнуваат исклучиво бугарската перспектива на работите, содржи понижувачки елементи и за македонскиот народ, идентитет, јазик и државност, при што целосно е игнорирана македонската гледна точка на работите и македонскиот интерес. На оваа тема мислам дека доволно се кажа деновиве во јавноста, да на повторувам.

Бидејќи спроведувањето на тие протоколи и на тој Договор е еден од условите во Преговарачката рамка во францускиот предлог, сосема е јасно дека со нивното прифаќање нашиот преговарачки процес станува невозможен. Особено со предвидениот услов Бугарија да дава оценки за резултатите од нивното спроведување, најмалку еднаш годишно.

Затоа Македонија не треба да ги потпишува Протоколите, не треба да ја прифаќа таквата преговарачка рамка, ниту да одржува т.н. „политичка“ или „нулта“ меѓувладина конференција со ЕУ, која ќе значи почеток на некаква подготвителна фаза на „скрининг“, до вистинскиот почеток на преговорите. Македонија мора да каже „не“ и на оваа „финализирана“ верзија на понудениот Француски предлог, кој во суштина воопшто не се разликува од претходниот на кој веќе еднаш владата кажа „не“.

Што понатаму? За почеток, Македонија треба да остане во процесот, додека не се исцрпат сите можности за вистински компромис. Според мене, добро би било да се вклучи опозицијата, па дури и да се размисли за нејзино влегување во владата. Моментот е вонреден и бара вонредни мерки. Во такви услови, единствени, мора јасно и гласно да го артикулираме и демонстрираме нашиот став кон овој предлог. Масовните протести, како тој во саботата, се ефикасна надворешна илустрација на резигнацијата која ја чувствува целото македонско општество. Мора да се бара нов „предлог“, за нас значително подобар од францускиот.

Мора да бидеме свесни дека тоа ќе оди тешко. Франција нема да сака да ретерира (овој предлог го нарекоа „европски“), а доколку тој претрпи квалитативни измени Бугарија со право ќе каже дека нејзината претходна согласност не важи. Настрана тоа што во Бугарија ќе има повторно избори и ќе помине време додека не седне повторно на преговарачка маса. Зашто сега, со прифаќањето на францускиот предлог, Бугарија ефикасно го тргна притисокот од себе и тој сега е насочен кон македонската страна. Тоа стана јасно во Мадрид – таму не само што не бил постигнат „компромис“, како што изјави Макрон, туку, претпоставувам, врз нашите претставници бил извршен силен притисок Македонија „да попушти“ и да го прифати предлогот. И тоа само со козметички измени, кои не бараат ниту повторно изјаснување на Бугарија, како што отворено рече француската амбасадорка во Софија.

Дали тоа ќе значи крај на нашите амбиции за станување полноправна членка на ЕУ, и какви последици ќе има за земјата едно такво сознание? Можеби нема формално да го повлечеме својот кандидатски статус за ЕУ, но де факто нашата евроинтеграција ќе прејде во „лимбо“ состојба, нешто слично на Турција. Кандидат кој нема да стане член.

Треба да се биде свесен дека таквото „оладување“ од европските амбиции ќе има сериозни последици внатре во државата. Евроатланските аспирации се фактор на кохезија на целото македонско општество, еден вид „општествено лепило“. Да не зборуваме за важноста на европската асистенција за политичките реформи, во борбата со корупцијата, реформирање на судството, како и за економскиот развој на земјата. Македонците можат и да се откажат од европскиот сон, зашто македонскиот идентитет и достоинство им е поскапоцено, но прашање е како тоа го доживуваат другите во земјава?

Изјавата на Бујар Османи дека таква ситуација ќе ги влоши меѓуетничките односи не ја сфаќам како злонамерна или заканувачка, како што некои ја протолкуваа, туку како предупредување на реална последица. Без оглед дали некој сака или не. Ако Албанија ги почне преговорите, а нема причина да не ги почне, фрустрациите во Македонија ќе се зголемуваат. Тоа може да стане видливо уште на следните избори, без оглед дали ќе бидат предвремени или навремени. Може да биде доведен во прашање и Охридскиот рамковен договор, како темелен документ за дефинирање на државата како унитарна, и прашање е само на степенот на радикалност какви се „идеи“ за иднината на земјата може да испливаат на површина. (Сетете се само на некои изјави на Села кога им е лут на Македонците). Во такви услови формирањето владини коалиции ќе стане уште потешко. Ќе се засилат „центрифугалните“ сили кои можат да доведат до еднострани чекори, што ќе бидат нова закана за државата. Некаква амортизација на овие тенденции може да биде само членството во НАТО и посредништвото на странските фактори. Во такви услови прифатлива може да стане и идејата за „проширена Европска економска заедница“, за која се зборува во последно време во Брисел, т.н. Европа со „втора лига“, па дури и Отворен Балкан како замена за членството во ЕУ. Како некој види „минимална доза“ од Европа, неопходна за да не држи на куп. Под претпоставка дека за влез и во оваа „второкласна“ Европа, Бугарија нема да има можност да ни стави вето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот