Европа и Русија се караат, Кинезите профитираат: „Руска нафта евтино“

Владимир Путин - Си Џипинг / Монтажа: Слободен печат. / Иван Самарџиев

Додека Европа и Русија се препукуваат околу руските енергенси кои се дел од санкциите што европските земји ѝ ги воведоа на Русија поради инвазијата врз Украина, Кина профитира со тоа што Пекинг сега купува повеќе руска нафта, а цената е пониска за 35 долари.

Со ембаргото за купување на руска нафта воведено од повеќето европски земји, Русија би можела да загуби 90% од извозот на нафта во ЕУ, но од другата страна на медалот е тоа што Кина го зголемува купувањето на руска нафта по пониски цени од оние што ги нуди конкуренцијата од Блискиот Исток или Африка, Европа и САД. На овој начин, освен што профитира, Кина ја пополнува и дупката на пазарот со којшто се соочи Путин кога западните купувачи се повлекоа од водењето бизнис со Русија.

Намерата на Кина е освен купувањето руска нафта по ниски цени за тековни потреби истовремено и да ги обнови стратешките резерви на сурова нафта користејќи го моментот на евтина руска нафта.

Според официјалните информации, Кина дневно увезувала околу 750.000 до 800.000 барели руска нафта. Но, податоците сега покажуваат дека овие количини во мај биле повисоки и од 1,1 милион барели дневно. Директна корист од шестиот пакет санкции од ЕУ кон Русија имаат неколку кинески компании, а на водечките две места се „Унипек“, која е трговска филијала на најголемата азиска рафинерија „Синопек“, и „Женхуа оил“, компанија која работи во рамките на кинескиот конгломерат „Норинко“.

Сепак, и покрај тоа што Русија продолжува да продава нафта, нафтените санкции на ЕУ се многу сериозен удар досега невиден во историјата на Кремљ.

– Санкциите во моментов ќе влијаат на 75% од увозот на руска нафта. А 90 отсто ќе бидат забранети до крајот на годината – напиша украинскиот премиер Денис Шмихал на Твитер.

Но, и покрај ваквите оптимистички најави што ги соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, сепак забраната за руската нафта засега е делумна. Лидерите на земјите-членки на Европската унија постигнаа договор за забрана за увоз на руска нафта, но тоа се однесува на нафтата испорачана со бродови, додека 30 отсто од суровата нафта продолжува да се испорачува преку нафтоводот.

Освен тоа, треба да се има предвид дека освен Кина, и Индија и Турција купуваат руска нафта со цел да ги обноват државните резерви под поволни финансиски услови. Тоа повлекува зголемена меѓусебна размена. Оттука, ако се направи пресметка во која ќе се минусираат оние 4,7 милиони барели руска сурова нафта што Европа ја купуваше на дневно ниво пред санкциите, со зголемената побарувачка од трите земји излегува дека Русија не само што компензира туку всушност и го зголеми извозот на нафта за 6 отсто во мај во однос на април.

Нафтата е најобемниот извозен производ на Русија, а по неа следи природниот гас, каде што ЕУ повторно се појавува како голем купувач. Но, поради зависноста на европското производство од гас, шансите некој следен пакет санкции да го вклучува и гасот не се големи особено ако се земе предвид дека нафтата беше вклучена дури во шестиот пакет санкции против Русија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот