Европа го отвори и срцето и паричникот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Иако се благопријатни ветувањата од ЕУ дека заедно ќе го изодиме реформаторскиот пат, сепак каменот мора да си го износиме на својот грб. Она што сега треба да ни биде поттик повеќе е отвореното срце на ЕУ и секако – отворениот паричник и можностите што ни се нудат. Треба да се потрудиме за да ги земеме.

Многупати во последно време од европските челници слушаме „Европа е со вас“, но се чини никогаш толку енергично тоа не беше кажано како што тоа го кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, сега на почетокот на својата балканска турнеја, токму од нашата земја. Претседателката упати јасни уверувања до македонскиот народ дека очекува Северна Македонија да ја види во европското семејство затоа што сме на добар пат кон таа цел и дека тоа не само што ѝ е потребно на нашата земја, туку дека ни „Европската Унија не е цела без Северна Македонија“. Покрај силните декларативни уверувања, стигна и „опипливиот доказ“ – потписот на документ на македонски јазик, без никакви фусноти и ѕвездички. Договорот ФРОНТЕКС е првиот официјален Договор потпишан помеѓу Северна Македонија и Европската Унија по почнувањето на преговорите, а скринингот кој, како што нагласи претседателката на ЕК, веќе е во тек и се прогнозира да заврши за 14 месеци.

Оптимизмот за вербата во нашата европска иднина, Лајен го заокружи и со конкретна бројка – интервентна буџетска поддршка од 80 милиони евра во време на енергетска криза и висока инфлација. Европската Унија најавува дека овие пари ќе стигнат уште во јануари, што е навистина брза и интервентна реакција ако се земат предвид нивните вообичаени административни процедури. Пари ќе има и за прекугранични проекти, а за тоа во ЕУ-касата има 500 милиони евра за регионот.

И сега речиси нема поголем инфраструктурен проект, освен „кинескиот“ автопат Кичево-Охрид, а во него да нема вмешано европски пари. Како што кажа министерот за финансии Фатмир Бесими, меѓу најголемите поддржувачи на приоритетните проекти за инфраструктурно поврзување, заштита на животната средина и за енергетска независност што ги спроведува земјава е Европската банка за обнова и развој. Досегашната поддршката од оваа меѓународна финансиска институција за земјава достигна 2,5 милијарди евра, од кои во најголем дел се во јавни проекти. Дополнително, тука се парите од Инструментот за претпристапна помош (ИПАРД) како и грантовите од Европската комисија.

На Македонија, пак, реално никогаш не ѝ требало повеќе пари. И тоа не е само поврзано со актуелниот момент, со случувањата во енергетиката и инфлацијата, туку и со старите долгови што догодина чукаат на врата. А идната година треба да вратиме повеќе од 1 милијарда евра, и тоа: 450 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2016 година, уште околу 350 милиони евра за други кредити и камати од 240 милиони евра. Од каде толку пари да најдеме? Европска Унија сигурно нема да даде пари за враќање стари долгови, таа овој пат дава и за буџетска поддршка и со тоа ќе се спаси покривањето на планираниот неопходен буџетски дефицит во ова време. Ќе даде пари за проекти, како што и сега учествува и во финансирањето на толку очекуваниот и акцентиран по значење, гасен интерконектор со Грција, но и покрај целата европска волја ќе треба дополнително да си најдеме пари за да си ги вратиме долговите.

Она што сега како сол на рана пече е што направивме со сите тие позајмени пари додека мечтаевме за ЕУ во изминатите години?  На пример, еврообврзницата од 2016 година дојде како реакција на ној растегнатиот, надграден и со многу анекси дополнет Проект „Скопје 2014“. Но, барокот не ни помогна на европскиот пат.

За жал, сега е време кога немаме избор за тоа дали ќе се задолжуваме или не. Нови долгови мора да се прават за крпење на старите, за премостување на енергетската криза и инфлацијата, но мора да се води сметка и за капиталните проекти, чија реализација е катастрофална – до вчера бројачот на Министерството за финансии покажа реализација од само 42,9 проценти од планираното во Буџетот, а до крајот на годината останаа уште само два месеца. Ние не можеме да одиме во Европа без добри патишта, без енергетска поврзаност, без  добро образование и здравство. Сега мора и во сето тоа да вложуваме. И да се реформираме. Иако се благопријатни ветувањата од ЕУ дека заедно ќе го изодиме реформаторскиот пат, сепак каменот мора да си го износиме на својот грб. Она што сега треба да ни биде поттик повеќе е отвореното срце на ЕУ и секако – отворениот паричник и можностите што ни се нудат. Треба да се потрудиме за да ги земеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот