ЕВРО 2020, Хаџиевски: Да направиме нешто како поедноставно да ја изненадиме Украина!
Утре со почеток од 15.00 часот на стадионот во Букурешт репрезентацијата на Македонија ќе го одигра вториот натпревар од групата „Ц“ против Украина.
Фудбалерите го анализираат противникот, воедно свесни дека треба да се корегираат грешките од стартниот дуел со Австрија кој загубивме со 3:1.
Своето размислувања за одиграниот натпревар со Австрија и за новиот меч за нашата А селекција на континенталниот собир ги сподели поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски.
– Не го дадовме најдоброто против Австрија, имавме само две шанси во 90 минути. По она што го очекувавме со оние додавања од средниот ред и влегувања внатре со шутеви кон противничкиот гол, тоа што го правевме претходно во повеќето натпревари, тоа сега не се случи.
Не се сомневаме во квалитетот на нашите играчи, но мислам дека беа и инспирирани од таа цела еуфорија, нереално бевме еуфорични во тој настап. Не ја покажавме играта која ја знаеме, далеку од тоа дека не се бореа, но не беше доволно да го покажат вистинскиот квалитет.
Противниците веќе ги знаат нашите предности и слабости во тимот, кои се нашите најдобри играчи. Мое мислење е дека нешто треба да се промени за следните дуели, не премногу драстично, но нешто да се направи во системот на игра, во изборот на играчи, во формацијата или во начинот на игра со кој ќе ги изненадиме ривалите – ни изјави Хаџиевски.
Против Украинците само еднаш триумфиравме во пријателски натпревар (1:0) во Скопје пред 17 години, претходно ремизиравме 0:0 во 2003 год. во контролен меч, а во квалификации за ЕП 2016 двапати загубивме со 1:0 и 2:0.
– Ќе биде тешко и против Украинците кои се квалитетни. Да, Андриј Јармоленко им е најдобар, но и другите играчи исто така им се добри. Ние не треба само да се браниме, ние треба да направиме нешто како поедноставно да ги изненадиме, а имаме навистина играчи кои можат да направат разлика. Предводени од Пандев, Трајковски тука се и Елмас, Барди, Адеми, Алиоски..Мора попаметно и повнимателно да се игра, и нема така лесно да се отвориме. Многу е важно е да се претставиме добро на натпреварите, да покажеме дека и Македонија знае да игра квалитетен фудбал, дека не сме само дојдени како „гости“ на ова Европско првенство – вели Хаџиевски.
ЕВРО 2020, Јовановски: Доколку го спречиме Јармоленко, 50% од работата сме ја завршиле
Алиоски: Овој натпревар е како финале за нас, но и за Украина!