ЕУ разгледува механизми за контрола на увозот на украински житарки

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис/EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Европската комисија разгледува механизми кои ќе им овозможат на источните членки на Унијата да го ограничат увозот на земјоделски производи од Украина, а истовремено да ја продолжат либерализацијата на европско-украинската трговија до јуни 2025 година.

Во јуни 2022 година, ЕУ ги укина увозните тарифи, квотите и заштитните трговски мерки за увоз од Украина за да ја поддржи украинската економија поради руската инвазија.

Бранот евтини украински житарки предизвика незадоволство кај земјоделците во земјите на ЕУ кои граничат со Украина, како Полска и Унгарија. Тие предупредија дека не можат да се натпреваруваат со ниските цени на украинските производи и дека губат приходи.

Еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис рече дека Комисијата ќе претстави предлог за нов период до јуни 2025 година, кој ќе ја земе предвид состојбата во нивниот земјоделски сектор.

Сегашниот трговски аранжман вклучува заштитни мерки, но тие се применуваат само ако негативното влијание се прошири на целиот пазар на ЕУ.

„Бараме најдобри решенија, вклучително и можни заштитни мерки кои нема да се активираат не само во случај на нарушувања на пазарот на ЕУ во целина, туку и во случај на пореметувања во една или неколку земји-членки“, рече Домбровскис.

Комисијата ги разгледува можностите за заштита на најчувствителните производи, рече еврокомесарот и додаде дека за тоа разговарал со министрите за земјоделство на Полска и Унгарија.

Неименуван дипломат на ЕУ рече дека планот на Брисел ќе и овозможи на групата членки брзо да реагира во почетната фаза, која ќе трае четири месеци. Комисијата треба да ги оцени нивните мерки во рок од три недели, додаде тој.

Во исто време, Брисел би ја охрабрил Украина да се усогласи со стандардите на ЕУ во поголема мера.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека бранот евтино украинско жито ги „уништил“ пазарите во Централна Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот