ЕПП: Западен Балкан не смее да падне во руската замка на дезинформации

Западен Балкан не смее да падне во руската замка на дезинформации, оцени денеска Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, оценувајќи дека „регионот има подобра иднина со ЕУ”.

Непосредно пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, портпаролот на пратеничката група на ЕПП, задолжен за надворешни работи, Михаел Галер истакна дека не треба да се губат од вид геополитичките последици од пандемијата на коронавирусот и оти „Европејците мора да ја претворат оваа криза во можност и заедно да ги ублажат последиците од пандемијата”, се вели во соопштението од ЕПП.

„Во овие времиња на предизвици, многу е важно да застанеме зад целиот Западен Балкан. Сега е клучна солидарност”, истакна европратеничката од ЕПП Кинга Гал и оцени дека најавениот пакет помош во износ од 3,3 милијарди евра „дефинитивно претставува позитивен развој”.

Во соопштението од ЕПП, уште се наведува дека лидерите на ЕУ денеска ќе го потврдат и планот за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Многу е важно да се зајакне перспективата на проширување на ЕУ за овие земји. Одлуката за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија е чекор во вистинскиот правец, оцени Гал.

Галер, пак, потенцира, дека е време за единство, пренесува Бета. – Почеток на формални пристапни преговори со ЕУ не е ништо друго освен одбрана на нашиот начин на живот и влијание во светот. ЕУ е доверлив и транспарентен партнер, потенцира тој.

ЕПП ја поздрави и улогата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја сега претседава со ЕУ.

– Личната посветеност на премиерот Пленковиќ беше пресудна за Западен Балкан да биде меѓу приоритетите на ЕУ, нагласи Кинга Гал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот