Ем „чесни“, ем вознемирени?!

Прашувам дали моето пишување ги вознемирува пензионерите или раководителите?! Всушност, досега двапати по ред објавив некои мои сознанија и тврдења што никој од надлежните во Сојузот не ги порекна!

Во осумдесеттите години од претходниот век за новинарската фела имаше некаков Суд на честа, кој им „судеше“ на новинари кои ја игнорираа вистината и се приклонуваа кон некоја опција нарушувајќи го угледот на организацијата. Тој суд сега наречен Совет на честа, односно Совет за етика во медиумите на Македонија при ЗНМ, од некои „совесни и чесни“ протагонисти на „честа“ е сфатен како институција за затскривање на слабостите и за барање спас за сопственото (не)работење?! Затоа, како непослушен и кон нив неприклонет, бев ставен на „столбот на срамот“ на овие новинарски совети?!

За да биде појасно, преземам сегмент од Одлуката на Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) од седницата одржана на 12 ноември 2020 година, на која вознемирени од моето пишување, сите од ИО се согласиле „да биде дадена претставка против колумните на Мендо Димовски кој подолго време ги објавува во весникот „Слободен печат“ и со кои ги вознемирува пензионерите изнесувајќи свои мислења и претпоставки без да понуди аргументи и факти!“

Вистина е дека во некои поранешни колумни укажував на недостатоците во работата на Сојузот, ама не толку конкретно, а почесто низ метафори, се додека не бев предупреден дека треба директно со факти да им се укажува и да се лоцираат слабостите за да им се помогне во согледувањето и отстранувањето на пропустите. За жал, и тогаш од водачите на пензионерската организација бев погрешно сфатен, иако од најголем број пензионери добивав силна поддршка. Затоа прашувам дали моето пишување ги вознемирува пензионерите или раководителите?!

Всушност, досега двапати по ред објавив некои мои сознанија и тврдења што никој од надлежните во Сојузот не ги порекна, односно не рече дека не се вистинити! Бидејќи се држам до латинската поговорка дека „повторувањето е мајка на знаењето“, за да сфатат вознемирените, по третпат истото кажување ќе го преземам и посочам како сегмент од други наброени слабости. Цитирам: „При очи да не се правиме слепи и да не гледаме дека во една личност во раководството на Сојузот (исто така и во повеќе здруженија на пензионери) се кумулирани повеќе функции, а надлежните даваат објаснување дека тоа било во функција на штедењето средства од членарината што ја плаќаат пензионерите. Навистина смешни работи?! Потребно е некој да ги отвори тефтерите и да види каде и за кого се трошат парите, да ја провери големината на надоместоците, да види дали има други примања истовремено, па какви се дневниците и хонорарите по разни основи, какви се патните трошоци, како функционираат набавките и кој прави договори и дилови за закуп, продавање или давање под концесии имот на пензионерската организација?! И сето ова да е легално и исправно, треба да се провери за никој да не се сомнева дека има проневери“.

„Честити суде“, навистина, зарем за ова некој треба да ме суди?! Срамота!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот