Екстремниот Доналд и Просечниот Џо

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Екстремниот Доналд заминува. Со давањето свечена заклетва, Џозеф Бајден, или Просечниот Џо, како што го нарекуваат, ќе преземе огромен товар на своите 78-годишни плеќи. Дури и да е натпросечен, тешко ќе може во својот мандат да ги залечи сите рани што Великоамериканецот ѝ ги направи на Америка.

Наместо со прослава и колективно чувство на олеснување, Америка денеска со голема вознемиреност и напнатост го испраќа во историја претседателот што за само еден мандат предизвика штети како никој од другите 44 пред него.

Никогаш порано, барем не во Америка, демократијата не била бранета со армија од 20.000 војници распоредени во Капитолот во Вашингтон и во сите сојузни држави. Со право, зашто заканата е реална и поголема од сите непријатели со кои се соочила досега – од црвените мундири што го запалиле Капитолот во август 1814 година, па се до исламистичките терористи што удрија врз Њујорк и Вашингтон не толку одамна.

Овојпат непријателот демне од внатре. Тоа е ордата воинствени и полуписмени Американци, која токму претседателот во заминување грубо ја култивираше во доминантна гласачка машина, знаејќи дека само неуките и агресивните би можеле да го одбранат на власт. Во некоја друга Америка, спротивна на се она што била досега, во која ќе може да царува глупоста, на чело со него како крал. Зошто не и крунисан, со доживотен мандат. Би му прилегало.

По се она што кажа и по се она што направи во изминатите четири години, не е сосема јасно како великоамериканецот што вети дека ќе ја заѕида границата со Мексико, ксенофобот што им забрани пристап на муслиманите и на бегалците, женомрзецот што се пуваше дека дамите треба да ги фатиш за меѓуножјето, како расистот што премолчено одобруваше насилство врз Афроамериканци и демонстранти, кариеристот што ги величаше, па ги отпушташе најблиските функционери, улавиот што веруваше дека зад грб му работи „длабока држава“ од индуструјалци-педофили, како лажгото што за 1.459 дена јавно претстави како факти 31.000 невистини (или по една на секој час)… како, конечно, надрилекарот што им препорача на Американците да си шприцнат варикина во вените за да се заштитат од коронавирусот, добил еден единствен глас, а не, пак, седумдесет и кусур милиони. И тоа два пати.

Јасно е дека само тој и луѓето околу него биле способни да ја видат и да ја мобилизираат во поход против демократијата оваа моќна армија зомби, присутна одамна и прикриена зад веќе излитената наметка под која естаблишментот во Вашингтон ги криеше сите проблеми, наместо да се соочи со нив.

Дури и со поразот на својот лидер, оваа армија не е совладана. Напротив, со нервозни прсти на чкрапалата ја чекаат илјадници војници, на денот на кој Америка вообичаено ја слави демократијата.

Денеска точно на пладне, екстремниот Доналд заминува. Со давањето свечена заклетва, Џозеф Бајден, или Просечниот Џо, како што го нарекуваат, ќе преземе огромен товар на своите 78-годишни плеќи. Дури и да е натпросечен, тешко ќе може во својот мандат да ги залечи сите рани што Великоамериканецот ѝ ги направи на Америка. Пред светот нема да може да го крене високо челото, како што му прилега на претседател на САД, ако претходно не се поклони длабоко и не се извини за штетите што ги направи неговиот претходник. Со кое право ќе бара почитување на демократските вредности, кога врз нив плука и Америка.

А и пред нацијата нема да направи ништо ако, како и многумина пред него, остане просечен, ако не добие силна и гласна поддршка од двете страни, кои сега се рововски поделени. Натпросечно ќе треба да придонесат и републиканците, кои на задоцнетиот импичмент на Трамп ќе треба јасно и гласно да се произнесат – дали остануваат зад екстремниот лидер, убедени дека само тој може да ги врати во Белата куќа по четири години, или ќе го исфрлат сосе партали што подалеку и ќе застанат цврсто во одбрана на демократијата, макар и да жртвуваат некоја година на власт.

Господ да ја благослови Америка!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот