Екологијата и пастрмајлијата – специјалитети во кампањата за Велес

Велес / Фото: МИА

Нула проценти невработеност кај младите велешани, најмалку една странска инвестиција во градот, нови инфраструктурни и сообраќајни решенија, град без отпад, поставување пластикомати, развој на туризмот, поддршка на младите и спортот… се дел од ветувањата на кандидатот од СДСМ, Ненад Коциќ.

Велешани и по 18 години од затворањето на топилницата сè уште дишат загаден воздух, реката Бабуна е задушена од стотина дивоградби, куќи и викендички по нејзиниот тек, сообраќајот мора да добие нов тек…

Граѓаните на Велес долги години слушаат ветувања дека овие проблеми ќе бидат решени, но никако да се најде решение. Дали кандидатите за градоначалници – докторот од СДСМ, географот од ВМРО-ДПМНЕ, професорот по земјоделски науки од Левица и електротехничарот од Бошњачкиот демократски сојуз го имаат решението?

СДСМ ќе ја бара довербата на велешани со доктор Ненад Коциќ, актуелен пратеник, познат по борбата за зелен Велес, за здрава животна средина и за многу други проекти што се реализираат во градот. Марко Колев од ВМРО-ДПМНЕ има 37 години, по професија е професор по географија, а беше и директор на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

Партијата на Димитар Апасиев ќе настапи со Златко Арсов – професор на Факултетот за земјоделски науки и храна. Семир Алимов од Бошњачкиот демократски сојуз е четвртиот кандидат – тој е приватен стопанственик, а по професија е електротехничар.

Нула проценти невработеност кај младите велешани, најмалку една странска инвестиција во градот, нови инфраструктурни и сообраќајни решенија, град без отпад, поставување пластикомати, развој на туризмот, поддршка на младите и спортот – тоа се дел од ветувањата на кандидатот од СДСМ, Ненад Коциќ. Тој најави враќање на фестивалот на велешката пита пастрмајлија и поддршка на навивачката група „Гемиџии“.

– Ја подготвивме најдобрата програма за нашиот град, која гарантира развој, нови инвестиции, нови работни места и воопшто нов импулс во развојот на нашиот Велес – изјави Коциќ.

Колев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во неговата програма има 213 проекти, поделени во 14 стратешки области.

– Велес има Генерален урбанистички план донесен пред 16 години. Оттогаш многу работи се изменети, па затоа е неопходно да донесеме нов. Нудам 11 капитални проекти, кои живот значат за граѓаните. Планирам и реконструкција на Територијалната противпожарна бригада, проширување на индустриските зони во градот, отворање истражувачки бизнис-центар за младите во просториите на поранешниот Синдикат, а од поранешниот хотел „Вила Зора“ ќе направиме дом за стари лица и за деца без родители. Планираме ново сообраќајно решение за влезот на градот кај Костурница, но и велосипедски парк – вели Колев.

Решение за сообраќајните проблеми во Велес, преку изградба на нов мост од Дервен до Речани, изградба на две катни гаражи, ставање во функција на неколку празни општински објекти, сопирање на урбанизацијата на велешкото езеро „Младост“, се дел од ветувањата на Златко Арсов од Левица. Според него, Велес е задушен град што се мачи со сообраќајот, град што за 30 години не изгради ниту една нова сообраќајница.

И кандидатот на Бошњачкиот демократски сојуз ветува проекти од инфраструктурата, екологијата, урбанизација на градот и слично.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот