Египет и Израел преговараат како да го зајакнат примирјето во Газа
Ова е прва посета на израелски функционер во Египет по нешто повеќе од една деценија, поточно од 2008 година, изјави египетското Министерство за надворешни работи.
Како што беше наведено, двајцата министри ќе разговараат за прекинот на огнот и за размената на израелски граѓани и телата на убиените израелски војници, кои Хамас ги смета за палестински затвореници во Израел.
Во меѓувреме, шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел пристигна во Тел Авив за да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинските власти во Рамала на Западниот брег, изјави неименуван египетски функционер.
Истиот извор рече дека Камел ќе разговара со Нетанјаху и Палестинската управа за обнова на Газа, а се очекува во Рамала да се состане со претставниците на Хамас, кој управува со друга палестинска територија – појасот Газа.
Со израелските претставници се разговара за мерките врз основа на кои ќе се овозможи испорака на материјали, електрична енергија и гориво до Газа, како и за евентуално проширување на риболовната зона во Средоземно Море на таа територија.
Во војната, која почна на 10 мај, загинаа повеќе од 250 лица, претежно Палестинци, и беше предизвикана голема штета на веќе сиромашната палестинска територија.
Првичните процени покажуваат дека штетата изнесува стотици милиони долари.
Египет одигра клучна улога во договорот за прекин на огнот, а сега ќе понуди гаранции дека парите за реконструкција нема да паднат во рацете на исламски Хамас.
Можно е за ова да се погрижи меѓународен комитет предводен од Египет или ООН, кој ќе следи како се трошат парите.
Шефот на египетското разузнавање исто така ќе разговара за ситуацијата во Ерусалим и за тоа како да се намалат тензиите во тој град, вклучувајќи и ублажување на израелските рестрикции во однос на џамијата Ал Акса и спречување на планираното присилно иселување на палестинските семејства од арапска населба во источен Ерусалим.
Минатата недела Египет ги повика Израел, Хамас и Палестинската управа на одвоени разговори за зајакнување на примирјето и забрзување на обновата на Газа. Лидерот на Хамас, Исмаил Хание, оваа недела се очекува да го посети Каиро.