Џафери-Сарацин: Многу време е изгубено во регионот, динамиката во ЕУ за забрзување евроинтеграциите не смее да се пропушти

Фото: Собрание на РСМ

Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на Македонија од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување, порача специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин за време на денешната средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

На средбата, како што соопштија од прес-службата на Собранието присуствувале и амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер и генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Џафери изразил благодарност за личниот ангажман на Сарацин, како и на посветената и континуираната поддршка на Сојузна Република Германија за реализацијата на двете стратешки цели на земјата, претходно членството во НАТО и сега актуелно, пристапувањето кон полноправно членство во Европската унија.

Фото: Собрание на РСМ

Беше потенцирана изразено видливата парламентарна соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на сите нивоа, вклучително и ИПС стипендиската програма и проектот за независно собраниско обезбедување. Претседателот Џафери информираше и за активностите кои како земја ги преземаме во однос на обврските од членството во НАТО, за поддршката на Украина, како и за актуелниот процес за пристапување кон измена на Уставот како единствен предуслов кој треба да се заокружи за отворање на преговарачките поглавја – се наведува во соопштението.

Сарацин ја поздравил соработката со германскиот Бундестаг и ја понудил помошта и поддржката за унапердување на процесот на евроинтеграции. Тој порачал дека Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро. Негово видување, како што се наведува во соопштението, е дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти.

Двајцата соговорници ја поздравиле одличната соработка на економски план и дијаспората во Сојузна Република Германија, која претставува солидна основа за поголемо зближување и соработка меѓу двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот