Двојно намален бројот на патници на аеродромите

Комерцијалниот патнички воздушен сообраќај е најдиректно погоден од глобалната здравствена криза, оценува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.

Бројот на патниците годинава, во домашниот и во меѓународниот патнички сообраќај, се очекува да биде помал за 50,4 проценти во однос на 2019 година, оценува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.

Тој потенцира дека комерцијалниот патнички воздушен сообраќај е најдиректно погоден од глобалната здравствена криза.

Тунтев упатува на проценките на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) дека до крајот на годината, влијанието на Ковид-19 врз планираниот меѓународен воздушен патнички сообраќај може да достигне намалување и до 63 проценти од капацитетот на седиштата во авионите, што би значело 1,5 милијарди патници помалку на глобално ниво.

Авиокомпаниите за годинава се соочуваат со потенцијална загуба на вкупните приходи во вредност од околу 314 милијарди американски долари, а аеродромите од околу 100 милијарди.

– Европската организација за безбедност и поддршка на развојот на воздушниот сообраќај ЕУРОКОНТРОЛ проценува дека целосно закрепнување на воздушниот сообраќај може да се очекува дури кон средината на 2022 година. Од средината на март 2020 годинава бројот на летовите на европското небо почна секојдневно драматично да опаѓа, така што некои денови тој пад изнесуваше и повеќе од 10 проценти во однос на еквивалентните денови во 2019 година. Од почетокот на април, па во наредните 2,5 месеци, бројот на летовите се задржа на ниво од само 10 проценти во споредба со истиот период минатата година. Тоа практично значеше целосно замирање на летовите во меѓународниот и домашниот патнички промет и константно одржување на вообичаеното ниво само на карго летовите, вели директорот на АЦВ.

Што се однесува до аеродромите, тој го наведува примерот дека на 17 јуни годинава аеродромот Шарл де Гол во Париз и франкфуртскиот аеродром забележале пад во дневниот број на полетувања и слетувања од 96 проценти во однос на истиот ден минатата година, а ваквото драстично намалување го следеа и Амстердам, Истанбул, лондонски Хитроу, Атина и Осло со 97 проценти, Минхен, Келн и Лајпциг со 98 проценти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот