Две сценарија за туризмот: И во двете се предвидуваат огромни загуби на работни места

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ќе се соочиме ли со историски најнизок промет од туризмот, под 100 милиони долари?

Доколку епидемијата од корона вирусот би завршила до крајот на 2020 година на туристичките компании ќе им треба и до една година за да може да се опорават од кризата која зададе најсилен удар во овој сектор, со оглед дека доаѓа во временски период кога треба да се и најголемите подготовки за отворање на летната сезона.

Туристи во Охрид / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според информациите кои стигаат од терен аранжманите за оваа сезона до август – септември масовно се откажуваат, а има и драстичен пад на бројот туристи кои се очекуваат од странство.

Ова го покажуваат податоците од најновата студија за ефектите од КОВИД-19 во која беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Во неа се проценува дека за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес, а можни се две сценарија.

Според првото, ако кризата заврши до крајот на оваа година, зависно од ефектот на економнските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, а опоравувањето, што подразбира враќање на нивото од 2019 година, би било во 2023 година. Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.

Стара чаршија / април 2020 / Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од овој сектор бараат да продолжи субвенционирањето на плата од 14.500 денари и за јуни 2020 година, работодавачите да се ослободат од исплата на К-15 за 2020 година, одобрените бескаматни кредити да бидат во висина на прикажаните трошоци во завршната сметка, а нивното враќање да почне на 01.06.2021 во висина од прикажаните трошоци 2019 година.

Компаниите од секторот туризам и угостителство велат неопходно е и стимулирање на домашниот туризам преку воведување посебни субвенционирани аранжмани и спроведување силна кампања за поттикнување на внатрешниот туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот