Две празнични желби

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Нема логика цела година да се служиме со истиот календар со кој се служи светот, а за божиќните и новогодишните празници да го користиме стариот црковен календар. На едно длабоко поделено општество какво што е македонското, демонстрација на единство со светот и единство на христијаните во Македонија е она што му треба.

И овие празници ме потсетија дека пред повеќе години, јавно се заложив да му се приклучиме на светот во славењето на Божиќ. Прославите, имено, треба да обединуваат, а почетокот на домашното обединување може да почне со промена на нашиот календар за славење. Да се збогуваме со оние што слават според јулијанскиот календар (Русија, Белорусија, Украина, Црна Гора, Србија Грузија, Казахстан, Египет, Етиопија и Молдавија) и да им се приклучиме на оние другите што слават според грегоријанскиот календар кој, инаку, е прифатен како меѓународен граѓански календар. Нема логика цела година да се служиме со истиот календар со кој се служи светот, а за божиќните и новогодишните празници да го користиме стариот црковен календар. Згора на ова, на едно длабоко поделено општество какво што е македонското, демонстрација на единство со светот и единство на христијаните во Македонија е она што му треба. Убава глетка би била во исто време камбаните на Православната и на Католичката црква да бијат за Христовото раѓање и едновремено да се одржуваат богослужбите во сите други христијански цркви во земјата. Уште поубава ќе биде ако таа ведра студена ноќ, на небото над крстот на Водно, се појави светла полумесечина како симбол на хармонија меѓу нашите религии. И сето тоа да се случува заедно со преостанатиот свет и со прославата на Христовиот гроб во Ерусалим.

Втората причина зошто треба да преминеме на другиот календар е страшното губење време и пари во ситуација кога ние работиме кога светот празнува, а светот празнува кога ние работиме. Всушност, се сеќавам на времињата кога, понесени од празничната атмосфера, престануваме да работиме по грегоријанскиот, а почнуваме да работиме по јулијанскиот календар. Понекогаш ми се чинеше дека губиме еден цел месец од дванаесетте колку што само ги има во годината. Тоа за една сиромашна земја што допрва треба да фати чекор со светот е премногу.

Инаку, откога сум во пензија, од деканот на факултетот во кој го поминав целиот работен век, минус две години министер за надворешни работи и три и пол години амбасадор во ОН, секоја година добивам честитка за Божик и за Нова година. Тоа е, практично, мојата единствена комуникација со научната и наставната институција чии студенти ги носам во срце, па затоа и толку ја критикувам. Како и во текот на годината, и во време на празниците комуникацијата е строго формална, би рекол шуплива и ме остава рамнодушен. Традиционално, во честитката на која е закачена визит-картата на актуелниот раководител на институцијата, вредната секретарка секоја година своерачно пишува „Среќни новогодишни и божиќни празници“. Потоа зема печатче со потпис на деканот и го втиснува. И толку. Целата работа ја завршува таа. Зборот ми е, кога станува збор за честитките, има и една поинаква традиција. Ќе ви ја раскажам. Се случува, за празниците да добијам честитка и од странски дипломатски претставник во нашата земја, па тоа ме потсетува како треба да изгледа порака испратена од срце, која кај вас буди убави емоции. Правилото е дека честитката се пишува своерачно. Како и претходната, и оваа година добив таква честитка истиот ден кога дојде и онаа од секретарката на мојот Правен факултет. Во неа шефот на странското дипломатско претставништво своерачно пишува: „Драги Денко, беше задоволство да се сретнам со тебе и ти благодарам за времето што го издвои за разговор со мене. Ти пожелувам тебе и на твоето семејство среќна и здрава 2020 година. Твоја…“. Минатата година, пак, на печатениот текст со кој се посакува радосни празници и година полна со мир и среќа, друг странски амбасадор горе напишал своерачно „Денко“, а под печатениот текст, „сè најубаво за тебе и за твојата фамилија во 2019“ и, се разбира, негов потпис. Зборот ми е: честитката е многу личен гест. Или самиот ќе учествуваш во нејзиното пишување или подобро не ја праќај. Но, како што може да се заклучи од погоре напишаното, треба да има и лична причина кај испраќачот. Кога ја нема таа лична емоција, да речеме, непоколеблива свест за заедничката мисија во образованието на младите правници и политиколози, и секретарката може да ја заврши формалноста.

Значи, покрај здравје, радост, среќа, уште еднаш посакувам да станеме дел од светската прослава на Божиќ идната година. Ах, да: и од Правниот факултет да добијам една поинаква честитка. Во честитката, своерачно напишана од деканот, да стои: „Драг професоре, Ви благодарам што во текот на изминатата година најдовте време нам на професорите и на нашите студенти, идните адвокати, судии и државни службеници, да ни пренесете дел од своето знаење и искуство. Знаете, тоа ни е важно затоа што квалитетот на образованието на студентите стана нашата примарна задача и на тоа посветивме повеќе седници на наставничкиот совет во изминатава годината. Среќни божиќни празници и радосна нова 2021 година“.

Хо-хо-хо, ова е време на убави желби кога срцето му пркоси на разумот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот