Два нови контејнери запалени во Центар и Чаир (ФОТО)

Непознати сторители вчеравечер запалиле два контејнера за одлагање смет што беа поставени во населбите Центар и Чаир. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека на улицата Орце Николов, во близина на Генералштабот, вчеравечер е запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир, пак, е запален стар метален контејнер на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“.

Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери за одлагање смет во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.

Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата „Франклин Рузвелт“.

Од Град Скопје велат дека сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот