Државниот завод за ревизија регистрира нераспоредени 142 милиони денари во ПИОМ

epa08387845 Elderly people wearing protective face masks walk at Tasmajdan park in Belgrade, Serbia, 27 April 2020, amid the ongoing coronavirus COVID-19 pandemic. Serbian citizens older than 65 are allowed to leave their homes during the curfew as the authorities eased some of the measures that have been in place to limit the spread of the coronavirus SARS-CoV-2 which causes the COVID-19 disease. EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија за 2019 година. Ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2019 година.

– Ревизорите со извршената ревизија констатираат слабости во системот на интерни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата на пензиските примања во кој не се обезбедена целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесите со ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО и од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право, велат од Државниот завод за ревизија.

Во соопштението се наведува дека утврдени се слабости во делот на недостиг на стручен и обучен кадар за изготвување актуарски анализи за состојбите во пензискиот систем, ИТ кадар за поддршка на постојните процеси, внатрешната ревизија функционира без утврдениот законски минимум што влијае на можноста раководството да преземе активности за подобрување на работењето и недоволната екипираност на Комисијата за оцена на работната способност со лекари специјалисти влијае на квалитетно и навремено донесување на наод, оцена и мислење, врз основа на што се остваруваат права од ПИО.

– Забележани се слабостите во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција што го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Исто така, нарушено е и се доведува во прашање остварувањето на личните и материјални долгорочни права на дел од осигурениците кои немаат механизми за докажување на платен придонес за одреден период во осигурување, се наведува во соопштението.

Од Државниот завод за ревизија додаваат дека забележани се и слабости во нераспоредени средства во износ од 142 милиони денари што Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО. Како слабост се наведуваат и недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства, што упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период.

Во извештајот се споменува и недоволниот степен и интензитет на дигитализирање и електронско архивирање на документите од микрофилмските ленти во изминатиот период, што влијае на рационалното искористување на средствата.

– Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2019 година се зголемени за десет проценти во однос на претходната година, на што значајно влијание имаат измените на Законот за ПИО од декември 2018 година и по основ на вратени придонеси со принос од приватните пензиски друштва, покажуваат анализите од извештајот.

Според Државниот завод за ревизија, оствареното зголемување на приходите во 2019 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година кои се однесуваа на исплата на пензиските примања за вкупно 333.722 корисници на пензиски примања и се за 6,7 отсто повисоки во однос на 2018 година.

– За покривање на дефицитот на средства за исплата на пензии во 2019 година трансферирани се средства од Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 28 милијарди денари кои во вкупните приходи на Фондот учествуваат со 37 проценти, се наведува во соопштението.

Од друга страна, од Државниот завод за ревизија додаваат дека ревизијата во континуитет ги истакнува слабостите на воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој од 2009 година се врши од страна УЈП без да биде обезбедено целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите.

Од таму додаваат дека поради наведеното Фондот нема целосни и прецизни податоци за побарувањата по основ на неплатен придонес од ПИО ниту има надлежност за наплата на истиот, што влијае на комплетноста на приходите и на остварувањето на правата од ПИО на осигурениците за кои не е платен придонесот.

Целосниот извештај е достапен на следниот линк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот