Државата нуди втора шанса за дооформување на средното образование

Агенција за вработување / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во тек е оглас преку кој Агенцијата за вработување ги повикува на доквалификација евидентираните невработени лица што немаат завршено средно стручно образование, т.е. 3-та година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или 4-та година од техничкото образование (четиригодишно образование).

Поразителни се податоците од образовната структура на невработените што активно бараат работа преку Агенцијата за вработување. Според ноемвриските податоци од 113.547 активни баратели, кои секој месец се пријавуваат во Агенцијата за вработување, дури 69.320 граѓани немаат завршено ниту средно образование, а од нив дури 58.840 се без образование или само со основно образование. Според овие податоци, дури повеќе од половина од активните баратели на работа не се конкурентни на пазарот на труд.

Овој проблем го согледале и од Агенцијата за вработување, но и ЕУ-претставниците што одобриле средства за дооформување на образованието на оние што оделе во средно училиште, но не го завршиле. Вкупниот број активни баратели со недооформено средно образование според ноемвриската евиденција е 10.480 баратели на работа.

Во тек е оглас преку кој Агенцијата за вработување ги повикува на доквалификација евидентираните невработени лица што немаат завршено средно стручно образование, т.е. трета година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или четврта година од техничкото образование (четиригодишно образование). Оваа мерка наречена „Втора шанса“ трае до 27 јануари и се однесува за следните ранливи целни групи: корисници на ГМП; млади лица до 29 години; Роми; жени; лица со попреченост и долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција). Заинтересираните кандидати треба да се пријават во центрите за вработување на Агенцијата за вработување каде што редовно се евидентираат како невработени лица.

„Заинтересираните лица при пријавувањето треба да приложат оригинал од свидетелство за завршена втора година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или трета година од техничкото образование (четиригодишно образование). Кандидатите што ќе ја завршат образовната програма, ќе се стекнат со диплома за завршено средно стручно образование и положена училишна или државна матура“, пишува во огласот.

Трошоците за образовната програма кон средните стручни училишта/регионални центри за стручно образование и обука, ќе бидат платени од ИПА проектот„Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија. Корисници на паричен надоместок и корисници на право на гарантирана минимална помош, не го губат оствареното право за времетраење на мерката Втора шанса.

Работодавачите многу често нагласуваа дека на пазарот на трудот недостигаат работници со стручно образование. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека нема дејност во која немаат проблем со квалификувани работници.

– Од сите сектори се жалат дека не можат да најдат работници, и од градежништвото, и од металната индустрија и занаетчиите, а такви проблеми има и кај нас – во текстилната индустрија. Ние се наоѓаме во ситуација кога од една страна сè уште имаме висока стапка на невработеност, а од друга страна, не може да се најдат квалитетни работници. Затоа е добро што Агенцијата за вработување има разни мерки за доквалификација или за дообразување на тие што бараат работа. Тие што ќе се преквалификуваат или ќе се дообразуваат ќе имаат шанса и солидно да заработуваат – изјави Димитров за „Слободен печат“.

Димитров коментира и дека е многу неповолна образовната структура на невработените.

– Ако погледате, половина од тие што бараат работа немаат квалификации, а другата половина главно и покрај образованието не е подготвена да одговори на барањата на работодавачите. Тоа се должи на фактот дека имаме огромно намалување на квалитетот на образованието – вели Димитров.

Во Агенцијата за вработување, покрај активни баратели на работа што се пријавуваат секој месец, се евидентираат и пасивните што се пријавуваат еднаш на 6 месеци. Така, според ноемвриската статистика на АВРСМ, покрај 113.574 активни баратели на работа, има и 46.551 други баратели на работа. Односно, вкупниот број евидентирани невработени е 160.125. Во јануари минатата година, вкупниот број невработени бил 177.796, што значи дека за 11 месеци лани, во евиденцијата на АВРСМ имало 17.671 невработени помалку.

АВРСМ известува и дека со состојба на 30.11.2022 година се евидентирани 15.068 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11.3.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот