Драги мои

Ова писмо го најдов, префрлајќи стари фотографии од мојот „антички“ хард диск. Го имам напишано деновиве, пред точно дваесет години, кога живеев во една друга зграда. Си велам, можеби ќе ви се најде, да го закачите и во вашата.

„Драги мои соседи,
Ви пишувам за да ве известам дека на балкон кај професорот од приземје ставивме 2 метли и едно гребло кои може да ги користите за да ги исчистите колите од лисјава што паѓаат и се горлив проблем овие денови во нашето маало. Може само да посегнете по алатот, и ве молиме повторно да го вратите на истото место. Исто така, ве молиме лисјата што ќе ги соберете да ги фрлате директно во контејнер, бидејќи малите купчиња повторно се разнесуваат, се кашават од дождот и потоа влезот ни е во кал.
Да ве потсетам дека на истиот балкон има и две лопати со кои може да се послужите, а ги ставивме, пред сѐ, поради чистење на снегот кој го најавуваат деновиве. Фер би било секој да си исчисти околу својата кола, а ние ќе исчистиме и за самохраната мајка со двете дечиња, бидејќи самата не може да стигне, а и потешко и е со количено со излижани гуми. Вие со џиповите кои сте секогаш нешто премногу зафатени, бидете свесни дека сами си ги чистиме местата за паркинг, а вие баш на тие љубите да ги оставите таму, небаре ќе ви се извалкаат од снегот. Имајте предвид и дека со вашите ‘четири пута четири’ немате ни потреба да го исчистите ‘белото срање’, туку само да се заринете во него.

Драг наш комшо,
Ти, што го откажа парното и се грееш на дрва и уште по нешто. Вчера го видов малиот твој како тркала една гума и наместо во подрум ја качи нагоре. Ние што сме повисоко ја „осетивме“ на алиштата што ни се сушеа и кои повторно требаше да ги ставиме во машина. Како да не ни смрди доволно на сите топланата на мазут од школово. Да те потсетам дека цела зграда плати за чистењето на оџакот што само ти го користиш и дека е забрането да се палат гуми.

Поштована госпоѓо,
Ти, со шишаното кученце. Нѐ има повеќе со кучиња и сите блиску се познаваме од редовните прошетки. Сакам ве известам дека си носиме ќеси во кои ги пакуваме какушките од нашите миленици за вие слободно да можете да се шетате по тротоарот, паркингот и паркчето во кое често има и деца. Исто така сакам да ве известам и дека корпата за отпадоци пред влез не е наменета за фрлање полни ќеси. Ми кажавте веќе дека ви е малечко ѓубрето, ама таа корпа, едноставно, нема капацитет и за ќеса и за сите хартии и јогуртчиња од учениците на голем одмор. Контејнерот е веднаш зад зграда, на само триесет чекори од влезот.

Драги вие студенти од претпоследниот кат,
Често правите собиранки, а право да ви кажам мене многу ми се допаѓа вашата музика. Никогаш и не се случило некој да ве пријави за галама. Ама ве молам да престанете да тресете пепел од цигари и фрлате отпушоци и искористени фасови од џоинти што понекогаш завршуваат и на нечие палто или глава. Јас имам деца и пушам на балкон, ама си имам и пепелник и ја тресам во мојата ќеса.

Поштован пратениче,
До вас имам посебна молба. Знам дека сте сега во високиот дом и, право да ви кажам, цела зграда ви се радуваше кога ве избраа, исто како што ви се радуваше кога ја женевте ќерката, па сите ги растргаа колите од паркинг за да има место за големото оро. Сега веројатно можете да им јавите на општинариве да ни ја поправат чешмичката што не работи веќе десет години и да ја асфалтираат онаа дупкана што остана по некоја поправка, па сега кршиме бандажи на точаците и колите. И лизгалките на детското игралиште се искршени одамна и од нив стрчат за’рѓани шрафови. Дигнете им глас таму, вас сигурно ќе ве послушаат.

П.С. Со професорот решивме да ги пакуваме пластичните шишиња во посебни ќеси, за ‘екологистиве’ со трицикли да не ни превртуваат низ контејнер во потрага по нив. Кога превртуваат по контејнер, се растура и ѓубрето, па знае и лошо да замириса. Ќесите со шишиња им ги закачуваме покрај контејнер за да не мора ни да го отвораат. Гледам дека и други соседи почнале да го прават, а рециклирањето станува хит во светов. Можеби ќе нè пишува и по новини, како зграда за пример.“

Драги мои читатели,
Читајќи го ова, се прашувам како е можно ама баш ништо да не се сменило цели факинг дваесет години? Како е можно и во новата зграда и со новиот куќен совет, со нови политички структури, нова локална самоуправа, повторно моето соседство (а впрочем и сите други) да се соочува со истите проблеми? Во тоа време, ретко кој имаше мобилен телефон, а „даjaл-ап“ интернет беше мислена именка дома. Се радував и на двете овие придобивки на новото време и си мислев дека од технологиите што ги прават информациите подостапни, луѓево ќе научат нешто од нив, и за себе и за својата околина. Уверен бев дека тие ќе придонесат да конвергираме накај некое поинакво, некое помодерно, почисто и похумано општество.

Наспроти тоа, сѐ уште живееме во гној. Сега дури и музиката од гласните журки е полоша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот