Доживотен затвор за четворица поранешни војници за учество во неуспешниот пуч во Турција
Судот во Анкара денес осуди на доживотен затвор четворица поранешни војници за учество во неуспешниот пуч во 2016 година против претседателот Реџеп Таип Ердоган, јави државната агенција Анадолија.
Осудените поранешни војници се меѓу 497 осомничени, сите служеле во претседателската гарда во текот на целата своја кариера и на сите им се суди за учество во неуспешниот пуч.
Судот во Анкара прогласи четворица поранешни војници виновни по повеќе точки, вклучително и обид за уривање на уставниот поредок и обид за атентат врз турскиот претседател.
Обвинителството исто така ги обвини за напад на јавниот канал ТРТ и принудување на новинарите да емитуваат соопштение за медиумите на пучистите, како и за напади на седиштето на Генералштабот.
Во обидот за државен удар на 15 јули 2016 година убиени се 248 лица.
Турција го обвинува Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, за организирање на неуспешен пуч, што тој го негира.
Илјадници луѓе се уапсени и осудени од 2016 година за наводни врски со движењето Ѓулен.
Повеќе од 100.000 луѓе се суспендирани од јавните служби за слични обвиненија.
Извор.Бета