Достојно сеќавање на јубилејот на првиот македонски игран филм „Фросина“

Кинотеката ја одбележа 70-годишнината од премиерата на првиот македонски игран филм „Фросина“ од 1952 година во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.

На иницијатива на Кинотеката, Македонската радио-телевизија го сними документарецот за филмот „Фросина“, наречен „70 години Фросина“, што премиерно беше прикажан на МРТ на 28 јуни. Филмот е во продукција на МРТ, по сценарио на Соња Јаќовска-Самарџиева и во режија на Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов.

Во духот на мисијата на Кинотеката да се грижи за зачувувањето на националното аудиовизуелно наследство, „Фросина“ минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, а деновиве беше објавен на блу-реј диск.

Кинотеката го објави и дигитализираното издание во ПДФ-формат на зборникот текстови од симпозиумот на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“, одржан во мај 1989 година, на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа и многу филмски критичари и културни дејци. Дискусиите заедно со сценариото беа објавени во 1991 година, како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија на сајтот на Кинотеката.

Во зборникот се објавени анализите на Борис Ноневски, Кети Каранфилова, Елизабета Шелева, Ермис Лафазановски, Георги Василевски, Фидан Јаќовски, Владо Цветановски, Мирослав Чепинчиќ, Димитар Грбевски, Бојан Иванов, Вангел Божиновски, Лилјана Богојевиќ-Јовановска, Димитрија Бужаровски, во дискусиите учествувале десетина учесници, филмолози и филмски работници, печатени се и интервјуата и сеќавањата на Воислав Нановиќ, Владо Малески и Киро Билбиловски, а во книгата се поместени и одгласите за филмот во медиумите од 1952 година.

Филмот „Фросина“ е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на мајка што го губи синот единец. Премиерно бил прикажан на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Сценариото го напишал Владо Малески. Главната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски. Продуцент е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија е Трајче Попов.

Во рамките на јубилејот, на 28 јуни во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“ се одржа и изложба на фотографии од филмот, проследена со предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 1 јули 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот