Дополнителни 70 милиони евра во буџетот и поголема праведност се придобивките од даночната реформа

Фатмир Бесими, министер за финансии/Фото: МФ

Концептот на даночната реформа се заснова на праведност, односно проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Во нашиот даночен систем, се забележуваат голем број на даночни ослободувања како и долга листа повластени стапки, најдолга од сите земји во регионот, а некои датираат од пред долг временски период, ја извршиле целта и изгубиле својата намена. Сега тие се единствено трошок за буџетот и неоправдана привилегија за одредени даночни обврзници, што создава дисторзија на пазарот.

Даночен трошок е системска разлика во даночниот третман на одделни категории даночни обврзници или активности, за сметка на што се наплаќаат помалку даноци во буџетот. Едноставно кажано, станува збор за финансиска поддршка на одредени категории граѓани и фирми, преку ослободување од плаќање на одреден данок или пониска даночна стапка од редовната со цел постигнување на некоја општествена, економска или социјална цел за одреден временски период. Со тек на време, откако овие индиректни буџетски трансфери ќе ја извршат својата цел, стануваат непотребен товар за буџетот, а истовремено ја ставаат соодветната категорија на граѓани и фирми во непотребно привилегирана положба во однос на останатите. Во тој случај штетата која ја носат овие исклучоци е двојна, и по основ на буџетот и по основ на останатите даночни обврзници, а со тоа претставуваат и потенцијален извор за даночна непрамноправност.

Министерот понатаму посочува дека повеќето земји на Организацијата за економска соработка (ОЕЦД) и Европската унија (ЕУ), како дел од буџетскиот процес, наложуваат изготвување извештаи за даночните расходи на годишна основа и нивна cost-benefit анализа. Со новиот Закон за буџети, а по пример на ОЕЦД и на ЕУ, и кај нас се поставува системско решение, преку обврска за изготвување на годишни извештаи за даночните трошоци и нивно ревидирање соодветно на нивниот придонес.

Концептот на даночна реформа предвидува Законски измени во Законите за данок на добивка, данок на личен доход и данок на додадена вредност, како и на одредби во поврзани закони, кои се во насока на проширување на даночната основа. Со концептот се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стапи на сила од следната година.

Концептот на даночната реформа беше подготвен преку инклузивен процес на широки консултации со општествените чинители, како експретската и академска јавност, бизнис заедницата, политиките партии итн.

Министерот во колумната посочува дека за време на јавната дебата за нацрт-Концептот за реформи на даночната политика од страна на повеќе чинители од општеството се покренала дискусија со предлози за воведување на данок на екстра добивка. Бесими во колумната најавува дека понатаму ќе се отвори дискусија по ова прашање со стопанските комори.

Тој понатаму го анализира концептот на даноци на екстра профит, кој од почетокот на кризата наваму, се повеќе земји го применуваат.

Вонредните даноци се пракса во повеќе земји во светот кои во услови на вонредни состојби воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Во економската теорија и политика, логиката на ваквите даноци се базира на редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради конјуктурите во пазарот или други вонредни состојби. Слични иницијативи има и сега за време на енергетската криза, при што во некои земји се предлага т.н. Данок на екстра профит. Новата Влада на Велика Британија најави дополнителен данок на екстра добивка во висина од 35% за период 2023-2028 година за компаниите во енергетскиот сектор. Унгарија во мај 2022 година најави оданочување на екстра профитите во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65%. Во ноември во Хрватска беше најавено данок на екстра профит од 33% за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20% од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година. Минатата недела Италија најави данок на екстра профит во висина од 50% за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10% од просекот 2018-2021 година и ќе се примени во 2023 година.

Видео на денот