Доктор Маја Кирјас: Ризикот на пациентите со апнеа – прекин на дишење во сон

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Терминот апнеа е краткотраен прекин на дишењето во текот на ноќниот сон. Поради нарушеното дишење може да настане: брадикардија, тахикардија, цијаноза или, пак, рапиден пад на нивото на кислород.

Под опструктивна апнеа, која е посебен ентитет, се подразбира прекин на дишењето со времетраење од 10 секунди, кое може да се повторува дури и до 500 пати за само една ноќ. Самата појава е проследена со пауза во дишењето, кое рапидно го покачува адреналинот поради стресна состојба (или глад за воздух), зголемен крвен притисок (хипертензија) и рапиден пад на нивото на кислорот (кое е нормално 100 SpO2).

– По петминутен прекин на дишењето настануваат неповратни/иреверзибилни последници во мозокот

– По 1 минута без кислород мозочните клетки почнуваат да изумираат

– По 10-минутно бескислородно страдање изумираат бројни клетки

Опструктивната апнеа настанува поради нарушена анатомија во горно – респираторните патишта, нарушена архитектура на носот и патолошки промени во носот, епифарикс, орофаринкс, зголемена база на јазик, нарушен сооднос на максила и мандибула, вродена аномалија…..

Не секое ‘рчење значи дека пациентот има опстуктивна апнеа. Понекогаш ‘рчењето како непријатен звук се појавува поради:

– Зголемен индекс на телесни масти
– Дебелина и должина на вратот
– Консумирање на седативи, алкохол, опијати
– Прекумерен замор во текот на денот

‘Рчењето е проблем исклучиво кога постои прекин/пауза од отстапување од нормалното дишење и воедно постои пад на нивото на кислородот, кој е неопходен за функционирање на секоја клетка во нашиот организам. Кислородот паѓа/што би значело дека оксигенацијата отстапува од нормалната вредност и има пад на 70/60/50 SpO2…

Кога постои пад на нивото на кислород или недоволна заситеност на организмот со кислород настануваат низа метаболни, респираторни тешкотии во организмот на индивидуата.

Најчесто пациентите заспиваат при седење пред малите екрани, за време на возење што е предизвикано од нивниот инсуфициентен организам со кислород. Анатомијата на носот (без патолошки промени) овозможува ротационо движење на кислородот, со што се забрзува и доаѓањето до крајниот дел, алвеолите на белите дробови. Секоја патолошка промена во носот го нарушува нормалниот проток и белодробието.

Постојат повеќе типови на апнеа:

– Мозочна или централна апнеа
– Опструктивна апнеа
– Мешана апнеа
– Конгенитална апнеа (вродена грешка во наурогенезата)

Статистиката во Македонија во последните 5 години покажува регистрирање на најмалку девет пациенти месечно, што земајќи го предвид фактот дека постои мошне мал број на индивидуи коишто биле на ваков тип на преглед, нималку не е занемарлива бројка.

Најчести симптоми кај пациентите се: главоболка, утрински мамурлак, депресија, хроничен замор, намалена концентрација, заборавеност, чувство на гушење… Може слободно да се каже дека станува збор за „подмолна болест“, бидејќи организмот страда неосетно.
Дијагнозата се поставува со фибер-ендоскопски преглед кај оториноларинголог или, пак, со полисомнографски тест. Секое игнорирање на ова заболување е потенцијален ризик за срцево, мозочно, метаболно страдање на пациентот.

Централната апнеа има два типа, и тоа:

1. Со зголемена количина на јаглеродниот диоксид CO2 во крвта – хиперкапнеа. Се манифестира со ослабнато спонтано дишење, зголемена количина на CO2 која води до нарушување со зголемена киселост во крвта.

2. Со намалена количина на јаглероден диоксид CO2 во крвта – хипокапнеа. Станува збор за зголемена работа на центарот на дишење или зголемена вентилација на белодробието, со што настанува респираторна алкалоза која води до намалена прокрвеност на мозокот, срцето и исхемија. Овој вид на апнеа најчесто се појавува кај пациенти со мускулна дистрофија, неуро-мускуларни болести, тешки прележани мозочни инсулти, енцефалити…

Неоперативен третман на апнеа

Коблаторот како неинвазивен метод кој ја заменува класичната оперативна интервенција функционира на начин при што радиофрекфентните бранови коишто се пренесуваат преку апликатор, ги редуцира и намалува мекоткивните патолошки структури во носот. Покрај во оториноларингологијата, коблација е корисна и во други медицински гранки. Истиот метод се користи и за носна полиоза, отежнато дишење на нос, предизвикано од алергии, редуцирање или намалување на зголемени болни крајници, зголемета и елонгирана увула или ресичка, патолошки промени во носните ходници и друга патологија како чести бактериски инфекции, зголемена лингвална тонзила и одредени патолошки израсили во орофаригеалниот простор.

Колаборацијата како метод во нашата држава е започната од пред неколку години и голем дел од пациентите не се информирани за постоењето на истата. Станува збор за амбулантската интервенција која трае приближно 10-15 минути и се реализира со локална анестезија. Не постои крвавење за време на самата интервенцијата, ниту, пак, по интервенирањето. Не постои тампонирање на носот, не станува збор за ограничување или, пак, режим на исхрана, со што пациентот продолжува да ги извршува секојдневните обврски непречено. Според сите анализи и статистики во и надвор од Македонија не постои ризик од оваа интервенција.

Прим. спец. д-р Маја Кирјас
ЈЗУ Клиника за оториноларингологија
Клинички и Универзитетски Центар – Мајка Тереза

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот