Доаѓа неизвесна зима: Кинезите масовно складираат зелки

Резервите зелки се престиж во Пекинг /Фото: EPA/ADRIAN BRADSHAW

Повозрасните жители на Пекинг масовно купуваат и складираат зелки откако властите им препорачаа на граѓаните да чуваат дома доволно количество основни намирници поради „можни итни ситуации“.

Големите зелки се популарна зимница во Кина поради тоа што лесно може да им се задржи свежината и хранливата вредност и пазарниот бран вообичаено доаѓа секој ноември.

Но, годинава побарувачката е значително поголема и редиците на пазарите се многу подолги,  откако властите пред една недела препорачаа создавање домашни резерви на храна. Некои супермаркети во Пекинг воведоа рестрикции и не дозволуваат купување на повеќе од три зелки наеднаш. Дури и со ваквата мерка, тезгите остануваат празни по 9 часот.

Во исто време, визбите, дворовите, ископаните складишта, па и заедничките простории низ зградите во Пекинг се преполни со зелки.

– Обичај во Пекинг е да имате поголем куп зелки од вашите соседи – изјавила за репортерот на Ројтерс жена што со три зелки во рацете излегувала од супермаркетот „Вумарт“. Џао, како што се претставила жената, вели дека ги чува зелките на балкон и дека е доволно да ги покрие со весници за да останат свежи со месеци.

Зголемената побарувачка ја кренала и цената на зелките на 2 јуани за килограм, што е три пати повеќе отколку во изминатата сезона. Жителите на Пекинг, сепак, не се обесхрабруваат, бидејќи цената е уште повисока кога ќе почне зимата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот