Дел од средствата за хигиена ќе бидат со пониски цени за 13 проценти

Тоалетна хартија, Фото: Слободен печат

Тоалетната хартија, влажните марамчиња и детските и пелените за возрасни ќе се продаваат по пониска цена, а министерот Бектеши апелира да се изгласаат законските измени за намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто

Владата ќе ги замрзне цените на хигиенските производи, со одредување највисока цена по која може да се продаваат до 30 мај. Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека станува збор за тоалетната хартија, влажните марамчиња, детските и пелените за возрасни и за хигиенските влошки. Горната граница ќе биде намалување за 13 отсто од цените што биле во трговија во мало на 20 март годинава. Министерот Бектеши беше дециден дека одлуката се носи врз основа на детални анализи. Тој претходно рече дека Владата е подготвена да се откаже од ДДВ за овие производи, но за тоа треба да одлучи Собранието.

– Зошто го напоменувам овој данок, бидејќи во собраниска процедура од пред една година имаме поднесено законско решение за овие производи за да се реши долгорочно даночното намалување на овие производи, односно ДДВ од 18 да се намали на 5 проценти. Но, до ден-денес не е свикана Комисијата за финансирање и буџет, за да се донесе тоа законско решение – додаде Бектеши.

Според анализите на Министерството за економија од 1 до 24 март годинава, цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 205 денари и на оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ, би се движела од 111,8 денари до 241,9 денари. Повеќето од сите овие производи, односно 85 проценти се увозни. Цената, пак, на влажните марамчиња во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 во февруари и 83,2 денари во март 2023 година, а царинска стапка за увоз е 6 проценти, без вклучен ДДВ. За пелените цената се движела од 36 денари за парче до 1.600 ден по кутија со многу пакувања и тука не е вклучен ДДВ.

„Слободен печат“ вчера направи обиколка по маркетите, а можеше да се забележат одредени намалувања на цените на некои брендови тоалетна хартија, но според трговците, тоа е дел од редовните неделни акции.

Инаку, за една година само тоалетната хартија беше стопроцентно поскапена, а удар врз стандардот имаа и цените на хигиенските влошки, кои исто така се опфатени со владините мерки за замрзнување на цените.

Растот на цените на хигиенските производи беше глобален, а уште во 2021 година како последица на пандемијата скокна цената на дрвната пулпа, која се користи за производство на разни видови хартија, вклучително и на тоалетната. Еден од аналитичарите на индустријата за целулоза Брајан Меклеј посочи дека „никогаш во историјата на производството не е видено вакво месечно зголемување на цените од 1.000 долари за метрички тон“.

– Зголемувањето на цените на средствата за хигиена е комбинација на неколку фактори, пред сè на суровините и на енергијата. Некои од машините се на гас, а некои на струја, а ние не користевме бенефицирана енергија. Лани имаше и голем недостиг на целулоза, поради зголемената потрошувачка во Кина. Зголемени беа и цените на транспортот. Ако државата реши да ги замрзне цените на средствата на хигиена, тогаш треба да се внимава на квалитетот на производите – велат за „Слободен печат“ некои од домашните производители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот