Дебатата на кандидатите за битолски градоначалник, туризмот меѓу главните теми

Дебата на кандидатите за градоначалник на Битола на телевизија Телма / 6 октомври 2021 / фото: Тв Телма/принтскрин

Кандидатите за градоначалник на Битола вечерва во дебата на телевизија Телма ги претставија концептите за развој на градот и за решавање на општинските проблеми.

На изборите, за градоначалничката функција ќе се борат: Христо Кондовски, предложен од СДСМ и коалицијата, Тони Коњановски, предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Горан Тасковски од партијата Македонска ера трета, лидерот на ЛДП Горан Милевски, предложен од коалицијата на ЛДП и ДОМ – Движење одлучно за промени”, како и Зоран Лазаревски-Паљо, предложен од група избирачи.

Една од областите на кои кандидатите им посветија голем дел од излагањата беше туризмот.

Кандидатот на СДСМ Кондовски најави формирање општинско Јавно претпријатие за туризам, со цел развој на туризмот во општината.

„Во ова јавно претпријатие за туризам покрај луѓе од општината, покрај советниците, ќе бидат вклучени и луѓе од еснафот, од туристичките агенции и од угостителските објекти. Целта на ова претпријатие ќе биде да ги задржиме туристите на повеќе од еден ден во Битола. Секаде каде бев меѓу граѓаните, меѓу тие целни групи, сите го потенцираа истото. Значи тоа јавно претпријатие егзактно ќе се бави со таа проблематика. Ќе биде лоцирано во близина на спортската сала и тој проект ќе го промовирам во наредните денови“, рече Кондовски.

И кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коњановски, претстави дел од своите планови за развој на туризмот во Битола.

„Изработка на стратегија е основа за туризмот во смисол на заедно со туристичките работници. Таа стратегија никогаш фактички не ни била донесена во целост. Формирање на биро на ниво на локалната самоуправа кое ќе ги артикулира барањата на туристичките работници, не само од делот на Пелистер, меѓутоа и од целата друга туристичка понуда која следи“, рече Коњановски, кој исто така најави дека во контекст на урбанистичкиот хаос и сообраќајниот хаос, „главна кочница е стариот и анахрон ГУП, со кое изготвување ќе почнеме од самиот старт на мојот мандат. Од него ќе произлезат и ДУП-овите, една современа Битола, урбанизирана Битола со сообраќајна уредена инфраструктура која ќе одговара на времето во кое живееме“.

Огненовски од Демократи рече дека фокусот на неговите планови е „безмилосна борба против политичкиот, стопанскиот криминал, мито и коруппција“, како и ослободување на општината од „30-годишни криминалци, политичари кои креираа урбана и секаква мафија“.

Според Тасковски од Македонска ера трета, патот кон развојот на општината оди преку „спој на инфраструктурата, економијата, бизнисот и инвестициите“, како и дека Битола треба во следните четири години „тотално да се реорганизира, ресетира и на тој начин битолчани да го добијат она што го заслужуваат“.

За Зоран Лазаревски – Паљо, „прва точка е економијата и вработувањето, да се задржат младите да не заминуваат од Битола, инвестирање во нови вработувања, но не партиски вработувања, туку според тоа колку вредат стручните кадри“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот