Данке Дојчланд за „мама Меркел“!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Завршната турнеја на Ангела Меркел на Балканот, со бирање на Белград и Тирана како места за значајни политички владини и невладини средби – веројатно тој „прелет“ од Србија и Албанија преку Косово е пораката што германската канцеларка на заминување сака да ја испрати за затворањето на најгорливото статусно регионално прашање – е голем гест на еден од најважните светски политичари на современата европска и глобална политика. Во целиот свој речиси дводецениски канцеларски мандат, Меркел со посветеност ги следеше случувањата на Балканот, во својот препознатлив, „придушен“ лидерски манир: без многу сликања и снимања, без ексклузивитети и паради, но со време и трпение да ги ислуша сите разумни страни во споровите за недоразбирањата што ги брануваа регионалните политички и општествени „води“. Дури и кога Германците спроведуваа „дипломатски офанзиви“ кон регионот – на пример, да не заборавиме, антологиска е посетата на Меркел на Скопје во септември 2018 година, пред овдешното референдумско изјаснување за Преспанскиот договор – тоа никогаш не биле спектакли во стилот на „американската коњица“ или руските подземни и надземни ’ржења. Но пораките биле јасни и конструктивни, со почитување на локалните фактори како двигатели на регионалните собитија.

Таа нејзина посветеност за Балканот се покажа како исклучително важен пристап, бидејќи европската и светската политика во минатава деценија поминаа низ толку стресови и турбуленции, што да не беше канцеларката Меркел на важната лидерска сцена во светот, Балканот сигурно ќе беше многу почесто и многу повеќе потпикнуван „под тепихот“ на континенталната политика. Од неа потекна и „Берлинскиот процес“ во 2014 година, кога другите важни лидери на ЕУ на процесот на проширување на Унијата гледаа како на „политичка лепра“ за нивните домашни изборни агенди.

Навистина, напредокот во тоа проширување во изминатите шест-седум години е речиси минимален, додека овдешниот цинизам и незадоволство од ЕУ, со право, достигнуваат максимални нивоа на општо незадоволство и разочарување. Но и самото одржување на „наративот“ е постигнување само по себе, во услови кога самата Унија висеше врз понорот на опасноста од укинувањето на еврото, последиците од Брегзитот, справувањето со мигрантите (за тоа Меркел ја критикуваат како главен „виновник“) и пронаоѓањето релевантна смисла за нејзиното понатамошно постоење. Меркел се покажа како инструментален конструктивен политички фактор во ваквото „европско бессознание“, една каша-попара што по многу важни прашања сѐ уште трае. И секогаш со цврсти и принципиелни либералдемократски ставови.

Претпоставувам дека феноменот со заминувањето на Ангела Меркел од активната светска политика, ќе биде сличен како она со струјата: кога ја има, тоа се третира за нормалност; кога ја нема, сите се вчудовидени како да го протуркаат денот без неа.

Така што, мислам дека не е претерано да се каже: Данке Дојчланд што ја ставивте на располагање „Мама Меркел“ на европската и светска сцена, таа убавина нема да ви ја заборавиме.

П.П.С. Хронологијата на оставките во македонската политика, за која првично пишував пред два дена, предизвика голем интерес (добив десетици добронамерни сугестии и коментари по сите можни платформи за комуникација!), па денеска правам уште две ненамерни, иако „превидени“ дополнувања (mea culpa!): Министерот за правда од редовите на ДУИ Билен Салили во март 2018 си поднесе оставка преземајќи морална одговорност за преквалификацијата на обвинението за смртта на малиот Алмир во Куманово (обвинителниот акт беше променет од „убиство со умисла“ во „сообраќаен инцидент со смртни последици“), а и министерот за култура Асаф Адеми од Алтернатива си поднесе оставка во мај 2019 „од здравствени причини“… Колективната оставка на министрите од ДУИ во Владата на Груевски во 2016 година, пак, мислам дека сепак не се „квалификува“ во хронологијата на поединечните оставки во македонската политика, па затоа и не ги наведов во првата колумна.

Како што стојат работите, наскоро – еднаш-засекогаш, со голема помош на „колективното паметење“ – ќе ја „затвориме“ листата на оставки во високите ешалони на македонската политика во изминатите 30 години. Па и тоа е нешто!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот